Преговори со ЕУ треба да има, но не по секоја цена, вели Бојан Маричиќ


 

Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ во вечерашното гостување на „Топ Тема“ на телевизија Телма истакна дека Владата сака да ги почне преговорите со ЕУ, но не по секоја цена и на штета на државните интереси при решавањето на спорот со Бугарија.

Тој потенцира дека  јуни, како пресуден за добивање датум, е спомнат од ЕУ поради геополитичката ситуација со војната во Украина.

„ЕУ е таа, која притисната од геостратешката ситуација, почна прва да го комуницира јуни како датум и комесарот Вархеи и официјалните портпароли на ЕУ. Тоа значи дека има некое чувство на ургентност во ЕУ. Меѓутоа, ние немаме намера да направиме чекор кој ќе ги наруши нашите интереси“, рече Маричиќ.

Тој рече дека сакаме да почнеме преговори со фер договор, кој нема да задира во нашето достоинство и идентитет. „Нашиот пат е јасен и секогаш бил јасен. Никогаш не сме отстапувале и никогаш не бил лесен, секогаш сме имале тешкотии и Северна Македонија е една од државите коишто имала најтежок пат до исполнување на своите стратешки интереси“, рече Маричиќ.

Според него,  Македонија не треба да отстапи од европскиот пат и „тоа наше залагање треба да биде упорно затоа што ние знаеме зошто сакаме таму, зошто сакаме каква држава сакаме да изградиме и знаеме дека заслужуваме да бидеме членки на ЕУ“.

Тој потенцира дека како Влада вовеле нов пристап со Бугарија за да се дојде до одредена точка на решение.

„Ние направивме максимум во овој период и тоа беше наша должност да дадеме шанса на овие разговори. Ние не се откажуваме од тоа и ниту пак некогаш се врзувавме за јуни, како пресуден датум. Имаше повеќе средби со бугарската страна, сме разговарале за сите отворени прашања и има основа за фер решение, истакна Маричиќ“.