Префрлени се 3,4 милиони долари од продажбата на Мисијата на СФРЈ во Њујорк

Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски денеска соопшти дека 3,4 милиони долари од продажбата на објектот на Мисијата на СФРЈ се префрлени на Македонија. Останатиот дел од 600 илјади долари ќе биде префрлен наскоро. Од продажбата на овој објект со сукцесијата на Македонија ѝ припаднаа 4 милиони долари.
Овие наводи Кабинетот на претседателот ги изнесе по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се вели:
„Во врска со наводите изнесени од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за заедничката продажба на објектот на Мисијата на поранешна СФРЈ при ООН во Њујорк, информираме дека претседателот Пендаровски е редовно информиран од надлежното министерство за досегашниот тек на процесот. Oд вкупниот износ на средства, 4 милиони американски долари, дел кој ѝ припадна на Република Северна Македонија, 3,4 милиони се префрлени, а останатиот дел од 0,6 милиони се очекува да биде префрлен наскоро.
Согласно договорот, кога ќе биде заокружена целата купопродажна трансакција, сите средства ќе бидат префрлени во нашиот државен буџет. Претседателот Пендаровски очекува дека средствата од заедничката продажба на имотот да бидат искористени согласно заклучоците на Владата за купување на простории за Постојаната мисија при ООН во Њујорк и за објект за амбасада во Софија“.
ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно ја отвори оваа тема велејќи дека премиерот Димитар Ковачевски и министерот Бујар Османи криеле што се случува со тие 4 милиони долари.
„На сметката на мисијата се префрлени пари од поделбата од продажба на имот на СФРЈ, префрлени се лани, по продажбата во септември.
Од тогаш, на два пати, во декември лани и јуни годинава, Фрчкоски како амбасадор добива официјални инструкции да ги врати парите во буџетот на Македонија, но тоа тој не го прави. Како е можно амбасадор да не постапува по инструкции и да остане неказнет за тоа? Каде е Стево Пендаровски во сиот проблем?“, рече на прес-конференција партискиот портпарол Наум Стоилковски