Предноста на Бајден во Аризона падна на 0,3 отсто, а во Пенсилванија се зголеми
Во САД и натаму се бројат гласовите по изборите минатиот вторник и веќе нема никаква дилема дека предноста на Џо Бајден е недостижна. Гласовите се бројат во триесетина држави, но јавноста ја интересира резултатот во само три – Аризона, Пенсилванија и Џорџија. Претседателот Доналд Трамп со последните избројани ливчиња и натаму ја намали разликата меѓу него и Бајден на само 0,3 отсто (во гласови 11.635), но според американските аналитичари тешко дека ќе може да го престигне затоа што за броење останале само уште 30-ина илјади гласови пратени по пошта. За да може да излезе пред Бајден и да ја освои Аризона, Трамп треба да има околу 65 отсто од преостанатите гласови, а тој освојува 54 осто од последните гласачки ливчиња.
Наспроти овој тренд во Аризона, во Пенсилванија се зголемува разликата меѓу Бајден и Трамп. Со последниот квантум избројани ливчиња таа изнесува 53.219 (или во проценти 0,8). Во Пенсилванија има за броење веројатно уште стотина илјади гласови и бидејќи процентот од гласовите по пошта е над 70 отсто за Бајден разликата ќе биде уште поголема. Според законските прописи во Пенсилванија е задолжително пребројување ако разлика во гласовите е 0,5 отсто, но очигледно дека тоа нема да се случи.
Во Џорџија ќе се оди на рачно пребројување на гласовите затоа што разликата меѓу Бајден и Трамп е 0,3 отсто (во гласови 12.000). Државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер, објави дека пребројувањето ќе почне до крајот на неделата за да се стигне крајниот датум 20 ноември за објавување на конечните резултати. Рафенспергер, самиот републиканец, го навлече гневот на неговите партиски колеги кога рече дека речиси е неверојатно Трамп да ја надокнади разликата при рачното пребројување, затоа што досегашното искуство покажува оти бројот на гласовите може да се смени само за неколку стотици, а не за илјадници, и дека Бајден ќе победи во неговата држава.
Во меѓувреме, во многу американски судници адвокатите на кампањата доживуваат порази во нивното предизвикување на изборните резултати и тврдењата дека имало измама при гласањето. „Вашингтон пост“ пишува не само дека тужбите на адвокатите на Трамп биле отфрлени, туку и дека правните застапници биле укорени од судиите поради тоа што изнесувале многу слаби аргументи за нивните тврдења. (Н.В.)