Предметот „Пулс“ кај судијката Диана Груевска Илиевска, судела во повеќе високопрофилни случаи


Фото: Б. Грданоски

Судијката Диана Груевска Илиевска ќе го води судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, соопштија денеска од Основниот кривичен суд Скопје.

-Согласно АКМИС – системот е распределен на понатамошно постапување кај судијата Диана Груевска Илиевска од одделот Кривично полнолетни. Станува збор за судија со 19 – годишен судиски стаж во сите оддели на овој суд, како и претходен 17 – годишен стаж како стручен соработник. За сите понатамошни процесни дејствија поврзани со конкретниот предмет, како што посочивме јавноста и странките ќе бидат благовремено известени, велат од Кривичен.

Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје денеска во целост го одобри обвинението поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година, загинаа 62 млади лица, а над 200 беа повредени.

Илиевска е позната по повеќе високопрофилни случаи кои ги судела, како што е трагедијата кај Ласкарци, случајот за новинарот Томислав Кежаровски, предметот „Сопот“, убиството на Ангел Петковски во Ѓорче Петров, но и случајот „Поткуп“ каде обвинет беше Зоран Заев, а потоа ослободен од обвинението.