Законот за задолжување кај СБ за патишта во Собрание повеќе од една година, власта и опозицијата дебатираат кој го кочи

Собранието денеска работеше по продолженијата на две седници, 54-та и 39-та. Во рамки на 54-тата седница, заврши расправата за Предлог законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, кој ќе се склучи меѓу ЕБОР и АД за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост.
По овој предлог-закон пратениците дополнително ќе се произнесат.
По паузата, Собранието продолжи со работа по продолжението од 39-тата седница, по 18 точка, Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за дополнително финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта, по скратена постапка.
Пратениците од владејачкото мнозинство потенцираа дека овој предлог-закон е повеќе од една година во собраниска процедура, но опозицијата го блокирала неговото носење пред ланските локални избори. Со промена на локалната власт, се смени и ставот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, што, како што рекоа пратениците од власта, го покажува лицемерието на опозицијата.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека со претходната гарнитура во општинската власт „се плашеле дали заемот ќе отиде за она за што е наменет“ и оти сега се сигурни дека „парите ќе се искористат за поврзување на локални патишта“.
Пратеничката од СДСМ Даниела Николова рече дека законот е влезен во собраниска процедура во март-април 2021 година, во време кога ВМРО-ДПМНЕ ја немаше локалната власт и во такви услови кога станува збор за заеми, реториката на ВМРО-ДПМНЕ е дека ова задолжување е непотребно и неоправдано.
– Единствениот мотив за блокирање на овој закон и за уште некои закони кои сега се блокирани, а носат реален бенефит за граѓаните, е да се запрат и маргинализираат успешните политики на оваа власт, истакна Николова, наведувајќи дека се блокирани законот за наставниците и стручните соработници во основното и средното образование, законот за армијата за законот за клинички центар.
Николова ги повика пратениците да го поддржат овој закон за заем од СБ за обезбедување за изградба на локални патишта во населените места.
– Овие средства нема да се користат за вазни од 180 илјади евра, за влезни врати во Белата палата, туку за градежни активности, за рехабилитација, реконструкција и надградба на 450 километри локални патишта во 80 општини и градот Скопје, рече Николова.
Во реплика до Николова, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов рече дека власта се фали дека направила илјадници километри автопатишта, но во суштина сликата на терен воопшто не е розова.
– Немате изградено ниту еден километар автопат, магистралните патишта ви се во застој, а локалните патишта ви се катастрофални. Тоа е состојбата со патната мрежа во државата. Во такви услови, вие, како СДСМ, да зборувате за патишта, е дегутантно, рече Трајанов.
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина седницата и рече дека за нејзиното продолжение пратениците ќе бидат дополнително известени. ир/сп/