Предлог-измените на Законот за сметководствени работи поминаа на собраниската Комисија за финансирање и буџет


Собраниската Комисија за финансирање и буџет на денешната седница го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вршење сметководствени работи. Предлог-законот треба да се донесе по скратена постапка, а е ставен на дневен ред и на денешната 35. собраниска седница. Неговата цел е да им овозможи на сметководителите кои се дисциплински казнети и привремено избришани од регистрите зашто не посетувале доволен број часови обука, да ги потпишат годишните сметки и/или финансиските извештаи за 2024 година.

Според законските измени што ги предлагаат пратеници од владејачкото мнозинство, неисполнетата обврска за континуирано професионално усовршување поради која се казнети, сметководителите ќе мора да ја завршат до 31 декември 2026 година.

Моментно на околу 3 300 сметководители им е изречена дисциплинска мерка „времено бришење од регистарот“, односно им е одземено правото на потпис на годишните сметки зашто не посетувале доволен број часови обука кај консалтинг куќите како што предвидува актуелното законско решение. 

– Со предложениот закон даваме можност сметководителите да ги поднесат државните сметки за да нема криза во стопанството, но и да ги посетат часовите до крајот на годината. При неговото изготвување ги слушнавме ставовите и на сметководителите и на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), рече членот на Комисијата Бојан Стојановски.

Тој најави ново, системско решение во овој сектор кое, како што нагласи, ќе гарантира систем на сметководство во кој сите ќе бидат рамноправни.

– Измените во овој сектор ќе одат во две насоки, едната е сега, со ова законско решение, а втората ќе биде со претстојниот системски закон што ќе го регулира целото сметководствено работење, истакна Стојановски.

За него е нејасно како изминатите две години никој од ИСОС не кажал дека актуелниопт Закон има пречки во функционирањето и зошто некој на „недисциплинираните“ сметководители им дозволил цела година да работат на завршните сметки за потоа, во јануари, да им рече дека не може да ги поднесат. 

– Актуелниот Закон се донесе со европско знаменце, а сите знаеме за што се се употребуваше европското знаменце, укажа Стојановски.

Согласно актуелниот Закон за вршење сметководствени работи, сметководителите и овластените сметководители за надградување на знаењето се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување. Сметководителите треба да имаат вкупно 90 часа обука, а овластените сметководители 120 часови обука. Поради непочитување на овие законски одредби, Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) до 15 јануари 2025 година има донесено околу 3 300 решенија со кои им се изречени дисциплински мерки „времено бришење“ на сметководителите и овластените сметководители од соодветните регистри во времетраење од една година.  

Сметководителите во четвртокот организираа протест пред Министерството за финансии на кој изнесоа повеќе барања, меѓу кои и најитно изнаоѓање решение за оние што се времено избришани од регистарот за да можат да ги потпишуваат годишните сметки, но и законски измени со кои на ИСОС ќе му се одземат или строго ограничат ингеренциите за контрола на квалитет.

На протестот неочекувано се појави и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која ги ислуша сметководителите и им порача дека Предлог-законските измени за решавање на нивниот проблем се веќе во собраниска процедура. Таа и следниот ден, во петокот, на средба со раководството на Сојузот на стопански комори, одговорајќи на новинарски прашања, беше децидна дека сметководителите, иако имаат дисциплински мерки, ќе можат да ги потпишат завршните сметки за 2024 година, но потоа дека ќе мора да ги завршат законски предвидените часови за професионална обука. Министерката најави и дека ќе се провери состојбата во ИСОС и доколку се утврдат какви било злоупотреби, како што обвинуваат сметководителите, ќе се преземат соодветни мерки.