Буџетот за 2024 ќе биде столб за економско заздравување, тежи 5,58 милијарди евра
Усвојувањето на Предлог-буџетот за 2024 дојде по средбата на премиерот Ковачевски и министерот Бесими со Мисијата на ММФ. Дефицитот е 544 милиони евра
Предлог-буџетот за 2024 година денеска помина на владина седница. Владата го карактеризира како развоен и одржлив Буџет кој ги има сите карактеристики за истовремено да го поддржи развојот, но и да ја обезбеди фискалната одржливост. Расходната страна е проектирана на 343,6 милјарди денари (околу 5,58 милијарди евра) или за 5,8 проценти повисока во однос на 2023 година, а приходите на 310,1 милијарда денари (5,04 милијарди евра) и се повисоки за 10 проценти. Од ова произлегува дека буџетскиот дефицит ќе изнесува 33,5 милијарди денари или околу 544 милиони евра. Од Владата велат дека буџетскиот дефицит е за околу 9,2 милијарди денари понизок во однос на 2023 година што ќе значи помало задолжување за 150 милиони евра.
Прес-конференцијата за Предлог-буџетот за 2024 година дојде по средбата на премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими со Мисијата на ММФ која изминатиот период ги „чешлаше“ макроекономските проекции на земјата. По средбата, како што објасни премиерот Ковачевски, Владата одржа седница, на која бил усвоен Предлог-буџетот.
„Буџетот за 2024 година ќе биде столб на економското заздравување, а понатаму и на забрзување на растот, ќе обезбеди фискална одржливост преку понатамошно спроведување на процесот на фискална консолидација“, рече Ковачевски додавајќи дека буџетот ќе биде добра основа и за зголемена и забрзана реализација на инфраструктурни проекти, привлекување на странски инвестиции, иновативноста на домашните компании, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, како и интензивирање на конвергенцијата на Македонија кон Европската унија.
Исто така ќе овозможи редовно и непречено извршување на сите законски обврски, вклучувајќи ги и обврските кои што произлегуваат од членството во НАТО.
„Дополнително Предлог-буџетот за 2024 година е одговор на потребите и состојбата во која што се наоѓа македонската економија. Со Буџетот се гарантира редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош, како и подмирување на другите потреби на граѓаните и сервисирање на обврските на државата“, нагласи Ковачевски.
Очекувањата на Владата се дека опоравувањето на домашната економија догодина ќе забрза, со проектиран раст од 3,4 проценти во услови на раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка. Двигател на растот се очекува да бидат бруто-инвестициите, со очекуван раст од 8,4 проценти како резултат на јавните инвестиции, односно големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, придружени со мерките за поголема реализација на капиталните инвестиции.
Стапката на инфлацијата во 2024 година се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6 проценти во услови на одржување на стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во своето обраќање рече дека буџетот е изработен во извонредно тешки глобални времиња кога е тешко да се предвидат работите. Се продолжува со политиките за намалување на инфлацијата, а одржливоста на Буџетот, според Бесими, се гледа во тоа што се продолжува со намалување на буџетскиот дефицит.
Во него се проектирани средства за понатамошно покачување на платите во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор, како и за покачување на пензиите согласно воспоставеното системско решение. Околу 45 милиони евра повеќе се обезбдени и за набавка на лекови меѓу кои околу 12 милиони евра за лекот „Трикафта“.
„Целиот предизвик беше дали со овој раст ќе се зголеми дефицитот. Покрај растот, одиме со понизок дефицит од 150 милиони евра“, рече Бесими.
Во делот на приходите, вкупните даночни приходи се проектирани во износ од 178,1 милијарди денари, што е за околу 10 проценти над износот на приходи планиран за 2023 година. Најголем пораст е планиран кај приходите од данокот на личен доход кои се проектирани на 31,1 милијарди денари, што претставува раст од 17,4 проценти во однос на годинава. Приходите од данокот на добивка се проектирани на ниво од 19,5 милијарди денари, приходите од данокот на додадена вредност на ниво од 80,7 милијарди денари, а приходите по основ на акцизи е предвидено да изнесуваат 31 милијарда денари.
„Главната цел на даночната политика е постигнување на одржлив економски раст и развој и фискална консолидација на јавните финансии на среден рок, притоа обезбедувајќи правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи. Приоритети се поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и продуктивност на даночниот систем, зголемена даночна транспарентност, подобар квалитет на услугите“, рече министерот Бесими.
Во 2024 година се очекува да продолжат и позитивните движења на пазарот на труд со раст на бројот на вработени за 2 проценти, што ќе резултатира со дополнително намалување на стапката на невработеност. (Н.В.)