Предавање за комуникација според принципите на Дејл Карнеги во „Паблик рум“


На 25 февруари, во „Паблик рум“, во 19 часот, ќе се одржи ТРИбина за комуникациски вештини по принципите на Дејл Карнеги, под менторство на комуникацискиот консултант Борче Николовски.

Вештините за (професионално) напредување преку комуникација имаат главно место во принципите на Дејл Карнеги, пионер во областа на самонапредувањето и меѓучовечките односи, а се потврдени од многу исклучителни луѓе, меѓу кои се Ворен Бафет, Ричард Брендон, Опра Винфри, Тони Робинс и Бил Гејтс.

Со осврт кон концизно пренесување на идеи, самоуверен и убедлив говор, контрола на говорот на телото и решавање на несогласувања, предавањето е наменето за сите млади претприемачи, искусни професионалци, маркетери, студенти, фриленсери и индивидуалци кои сакаат да ги подобрат своите комуникациски вештини и да ги освојат соговорниците со уметноста на убедувањето.

„Концизен израз, пристапен и убедлив говор на телото, контрола врз пристрасноста и претходно планирање на искажувањето, се само дел од принципите на успешната комуникација кои ги препорачува глобално познатиот автор и предавач Дејл Карнеги“, се вели во описот на предавањето, организирано од  „ТРИбина“, платформа за ширење на знаењето надвор од книгите.

Оттаму дополнуваат дека, водејќи се од идејата дека комуникацијата е пат до успехот, менторот Николовски ќе ги открие и сподели своите вештини и трикови за комуникација во професионалната сфера и во непосредната околина.

Борче Николовски (1967, Скопје) е двоен магистрант по Социологија на културата (УКИМ, Македонија) и Меѓународни односи (ЦЕУ, Унгарија) и е експерт по комуникација. Со долгогодишно искуство во комплексни проекти на меѓународно и на домашно ниво, има докажани вештини за меѓучовечки односи и комуникација со лица од различни националности и заднини. Од 1997 до 2009 г. е директор на Британскиот совет во Македонија (British Council Macedonia), каде што е вклучен во воведувањето на регионалната стратегија на компанијата. Во периодот 2016 – 2017 година ја извршува функцијата директор на ЕУ Инфо центарот во Скопје. Во моментов е активен како консултант и стручен соработник за комуникации.

По предавањето ќе следува дискусија во која Николовски ќе даде одговори на недоумиците, низ практични совети и конкретни, индивидуални решенија на проблемите и пречките со кои се соочуваме.

Билетот за предавањето чини 500 денари и е достапен онлајн, преку kniga.mk.