Пред почетокот на грејната сезона ќе се контролираат големите индустриски капацитети


Фото: Б. Грданоски

Пред почетокот на грејната сезона, кога се очекува зголемено загадување на воздухот, од Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина, најавија контроли на големите индустриски капацитети и нивното интегрирање на еколошките дозволи.

– Ќе се започне со контрола на производните капацитети. Заедно со инспекторатот ќе бидат посетени големите индустриски капацитети во државата, почнувајќи од Скопскиот регион. Работните тимовии ќе спроведат увиди на терен надзор над издадените интегрирани еколошки дозволи со цел да се контролира усогласеноста на условите во дозволата со работата на инсталацијата на терен – рече министерот Изет Меџити.

Ова е една од првите мерки кои Министерството ќе ги преземе пред почетокот на грејната сезона, со цел намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.

– Пред почетокот на грејната сезона, Државниот инспекторат и министерството заедно ќе спроведат акции кај повеќе субјекти на територијата на целата држава. Новина во инспекторатот ќе биде мешовити тимови, односно инспектори од еден град или регион, ќе вршат надзори во други – најави директорката на ДИЖС, Ивана Гиновска.

Според неа, фалат инспектори, затоа што за десетина дена имаат едно пензионирање, а  во март друго, дополнително рече дека старосната структура на инспекторите е на горна граница. Рече дека за годинава бараат вработување на тројца инспектори и се надеваат дека ќе добијат дозвола од Министерството за финансии. За следната година најави вработување на уште деветмина, доколку тоа се предвиди во Буџетот.