Пред избори нема вработувања во здравството, 150 чекаат за тетовската клиника
Процесот не е целосно завршен, но сите чекори за вработување на овие лица се завршени, освен потпишувањето на договорот и завршната средба со директорот

Министерот за здравство, Азир Алиу, на прашањето во неговото интервју за Алсат-М што се случи со ветувањето за вработувања во здравството, како што беше ветувањето за 150 вработувања во Клиничката болница во Тетово, изјави дека не станува збор за неисполнети ветувања, туку за процес што е започнат и е при крај.
„Ние не ветивме, туку реализиравме. Процесот не е целосно завршен, но сите чекори за вработување на овие лица се завршени, освен потпишувањето на договорот и завршната средба со директорот. Ова е процес што веќе е во тек и не може да се поништи. Ниту министерот, ниту директорот не можат да одлучат да го откажат по локалните избори – едноставно тоа не е можно“, изјави министерот Алиу.
Сите кандидати се тестирани и конечната листа е составена. Сега останува само последната административна фаза, што вклучува кратка средба со директорот и потоа потпишување на договорот.
Министерот исто така најави дека покрај овие работни места што се во процес, ќе има и нови вработувања, поради големиот недостиг на кадар во здравствениот сектор во Македонија.
„Здравствениот сектор е еко-систем што се соочува со сериозен недостиг на медицински сестри, технички кадар и лекари. Ние не можеме да го планираме буџетот врз основа на минатото, туку според реалните потреби. Во моментов го изработивме првиот нацрт-скен на состојбата, и имаме две сценарија: институции со сериозен недостиг и институции со повеќе кадар отколку што е потребно“, појасни министерот Алиу.
Министерството подготвува внатрешна реорганизација за балансирање на медицинскиот кадар во согласност со потребите, како и за зголемување на транспарентноста и ефикасноста на услугите.
„Ќе има реорганизација на услугите и кадарот. Ќе биде потребно време, но целта е здравството да стане поквалитетно и потранспарентно. Со дигитализацијата како трета столбна точка на реформата, граѓаните ќе имаат пристап до информации во реално време за секоја услуга и процес – вклучително и случаите кога има доцнења или пречки“, заврши министерот Алиу.