Празникот на жената се честита, главно, со увезено цвеќе
Според податоците од Царинската управа, лани во земјава било увезено свежо цвеќе од близу 280.000 килограми во вредност од речиси 120 милиони денари

Празникот на жената, 8- Март се честита, главно, со увезено цвеќе. Се увезува дури и каранфилот кој порано државава го произведуваше и го извезуваше во Холандија. Увезеното цвеќе е од Холандија преку дистрибутери, потврдуваат од цвеќарниците кои велат дека набавните цени се големи и тоа влијае на високите цени во продажбата. Во помалата продажба влијае и тоа што се иселуваат младите, но и нелојалната конкуренција од маркетите.
-Цвеќето е холандско. Има неколку дистрибутери во Македонија. Набавните цени се големи и ние немаме многу заработувачка, иако луѓето мислат поинаку. Има намалена продажба. Поради иселувањето на младите кои се „поекстравагнатни“ во купувањето, додека возрасните преферираат еден цвет, ружа од 150-тина денари или каранфил од 70-тина денари. Оние цвеќарите сме во нерамноправна положба. Не смееме да продаваме земја за цвеќиња ниту нешто повеќе, ашто немаме агроном. А во маркетите, покрај лебот, млекото, се продааваат саксии со цвеќиња. Што ли треба ние да правиме? Да продаваме млеко?, вели Даниела Наумоска, сопственичка на цвеќарница во Прилеп.
Според податоците од Царинската управа, лани во земјава било увезено свежо цвеќе од близу 280 000 килограми во вредност од речиси 120 милиони денари. Најмногу се увезени рози, потоа хризантеми, па лилјани, каранфили, орхидеи, гладиоли, а најмалку лутиче.
Во Македонија има десетина големи расадници кои пак најмногу работа гледаат во продажбата на цвеќе за уредување дворови, градини. До лани преку ИПАРД 3 програмата имаше грантови за отворање расадници.
-Собното цвеќе кое се увезува од Холандија, не се произведува кај нас. За домашните производители е најсплатливо сезонското цвеќе, она што е за во градини. Сезоната ќе почне наскоро, напролет и во лето, вели Никола Дамланоски, сопственик на цвеќарница во Прилеп чие семејство има и расадник.
Според агрономот, инженер по градинарство и цвеќарство Филип Димкоски, климатските промени влијаат на видовивите цвеќиња, но тоа не е невообичаено. Има можности за одгледување но не е евтина дејност. За вљубениците во одгледувањето цвеќе добро решение е враќање кон старите видови цвеќиња, отпорни на влијанија.
-Во земјоделското производство се вели дека сиромашните држави произведуваат пченица, земјите во развој се занимаваат со овоштарство и лозарство, а развиените со цвеќарство. Цвечарството е сдкапа гртанка, специфична, бара посебни услови, но и висок стандард кај луѓето за да може да уживаат во естетското задоволство на цвеќето иако е отсекогаш израз на најубави желби. За нас соломонското решение е навраќање кон оние стари цветни видови, на нашите баби кои може да бидат многу декоративни, специфични и се многу лесни за производство, вели Димкоски.