Правниците во САД поделени дали Маск ги поткупува гласачите со делењето милиони долари
Планот на Илон Маск да подели по милион на гласачите кои ќе ја потпишат неговата „петиција за слободен говор и правото на оружје“ спаѓа во сивата зона на изборниот закон, со поделени правни експерти околу тоа дали милијардерот поддржувач на Доналд Трамп ги крши забраните за поткуп на луѓето за да се регистрираат за гласање, пишува денеска Гласот на Америка (VOA).
Шефот на Тесла ветува дека ќе дава по 1 милион долари секој ден на случајно лице кое потпишува онлајн петиција за поддршка на Првиот и Вториот амандман на Уставот на САД, кои ги штитат правата на слобода на говор и поседување оружје.
„Постои аргумент дека ова спаѓа во опсегот на федералната забрана за плаќање на лице да гласа или да се регистрира за гласање. Ова е лизгање до самиот раб на правото на глас“, рече Даниел Вајнер од левичарскиот центар за правда Бренан.
Четворица правни експерти се поделени околу тоа дали „наградната игра“ ги прекршува федералните закони кои го сметаат за кривично дело плаќањето или понудата за плаќање на лице за да се регистрира за гласање. Бред Смит, професор на Правниот факултет на Универзитетот Капитал и поранешен претседател на Федералната изборна комисија, рече дека Маск веројатно не го прекршилзаконот бидејќи самото потпишување на петицијата е далеку од тоа лицето да се регистрира за гласање.„Факт е дека постои поттик“, рече Смит.
Делењето на парите може да се протолкува како Маск да го користи своето богатство за да се обиде да влијае на тесната претседателска трка меѓу Трамп и кандидатот на демократите, американската потпретседателка Камала Харис.
Одборот за кампања на Маск „Америка“ се обидува да одигра голема улога во мобилизирањето и регистрирањето на гласачите во државите каде се прелеваат гласовите. Условите на петицијата наведуваат дека потписниците мора да бидат регистрирани гласачи во Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија или Висконсин, сите држави кои најверојатно ќе го кажат последниот збор.
Гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, демократ, рече дека распределбата на парите е длабоко вознемирувачка и ја повика полицијата да спроведе истрага.
Иако петицијата на Маск директно не ги охрабрува луѓето да се пријават, тајмингот и фокусот на неопределените држави укажуваат на тоа дека петицијата е само изговор, рече Ричард Хасен, професор по право на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, кој рече дека распределбата на готовина е незаконска.
„Мислам дека потпишувањето на петицијата е ирелевантно за правното прашање затоа што треба да бидете регистриран гласач. Не е важно дали додавате други услови“, рече Хасен, додавајќи дека прирачникот на американското Министерство за правда за изборни прекршувања конкретно ја наведува лотаријата како потенцијално незаконско плаќање.
Адав Ноти од непартискиот Правен центар за кампањи се согласи со тоа бидејќи смета дека е незаконски да се даваат пари под услов луѓето да се пријават за гласање. Вајнер вели дека петицијата влегува во сива зона. Прашањето се сведува на тоа дали потпишувањето на петицијата е само изговор за да се регистрираат луѓето да гласаат, рече тој.
Смит од Универзитетот Капитал рече дека Маск има други причини зошто сака луѓето да ја потпишат петицијата, како што е собирањето на имињата на веројатните гласачи кои ја поддржуваат неговата кауза.Маск, кого Форбс го рангира како најбогат човек на светот, досега има дадено најмалку 75 милиони долари на Комитетот за Америка, според федералните записи, што ја прави групата клучен дел од обидот на Трамп да се врати во Белата куќа. Бизнисменот се повеќе ги поддржуваше републиканските цели и оваа година стана отворен поддржувач на Трамп. Трамп, пак, рече дека доколку биде избран, ќе го назначи Маск да ја води Комисијата за владина ефикасност.