Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, јавно објави телефонски броеви на членови на ССМ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во обид да го дискредитира најавениот протест на Сојузот на синдикати на Македонија и да ја претстави ССМ како „СДС во синдикални маички“, денеска на прес конференција обелодени интерен синдикален допис со контакт телефони на петнаесетина членови на синдикатот.
Петрушевски на прес конференцијата рече дека едно од наведените лица кое што било одговорно за организирање на луѓе и превоз од Струмица и струмичкиот регион бил Бранко Георгиев, кој според него бил поранешен раководител во ЈПКД Комуналец Струмица во време на СДСМ.
Од таму, ВМРО-ДПМНЕ извлече заклучок дека „целата партиска логистика на СДС за Струмица и струмичкиот регион – сега е ССМ“, како и дека „ССМ не постои, тоа е само СДС во синдикални маички“, како што изјави Петрушевски.
„До нас пристигнаа документи од свиркачи кои покажуваат кои се лицата одговорни за организирање на логистиката за протестите“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од денешната прес-конференција на Бране Петрушевски.
На дописот кој што ВМРО-ДПМНЕ, односно Петрушевски јавно го објавија, покрај Георгиев се наведени и имињата на уште 14 синдикалци кои се одговорни за организирање на транспортот на оние кои што сакаат да протестираат в саботa во Скопје, заедно со нивните телефонски броеви. Од приложенотo може да се види дека станува збор за интерен синдикален документ упатен до синдикатите здружени во ССМ и кој што е потпишан од претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Токму Трендафилов и неговите малолетни деца неодамна беа предмет на незаконско демнење и јавно објавување на нивнотo движење на социјалните мрежи од страна на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.
Прашањето кое што се наметнува со ваквите практики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, заштитени со пратенички имунитет, дали на овој начин поттикнуваат синдикалците кои што се наведени на списокот да се најдат на удар на партиски ботови или на незадоволници, само затоа што ќе протестираат за легитимни синдикални барања.