Пратениците ќе расправаат за интерпелациите против Меџити, Стоилковиќ, Тошковски, Исени и Даути
Собранието денеска треба да ја започне 29. седница на која на дневен ред се пет интерпелации. Четири интерпелации се поднесени од пратеници на Европскиот фронт против работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени од ДУИ. Петата интерпелација е поднесена од Левица за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути.
Најголем дел од парламентарните партии и од власта и од опозицијата нема да ги прифатат интерпелациите поднесени против четворицата актуелни владини министри, додека за интерпелацијата на Даути изјавија дека ќе биде изграден став пред седницата денеска. Сепак, велат дека и доколку помине интерпелацијата за неа, Европскиот фронт може повторно да ја предложи и Даути повторно да биде претседателка на Комисијата.
Мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ, пратениците од коалицијата Влен, СДСМ и Левица ќе гласаат против четирите интерпелации, поднесени по случувањата на прославата на Денот на албанското знаме.
Според собранискиот Деловник, за интерпелациите дебатата и гласањето ќе бидат поединечни. Ќе дебатираат онолку пратеници колку што се пријавиле, но на крај на денот односно пред полноќ треба да се гласа. Сепак, пратениците се надеваат дека целата дебата би можела да заврши за еден ден.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши на последната предновогодишна средба со новинарите информираше дека секоја интерпелација ќе се разгледува посебно и дека може да се дискутира цел ден или во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за збор. Сепак, додаде тој, на крајот на денот мора да се гласа.
Според него, интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ. Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија околу една тема, околу еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во изјава за медиумите од Штип кажа дека за време на денешната дебата за интерпелациите на Меџити, Тошковски, Стоилковиќ и Исени очекува неосновани критики и обид што ќе заврши како неуспешен, напади што ќе поларизираат и ќе поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција.
– Но, мислам дека тоа ќе биде јалово и неуспешно и овој обид ќе заврши како неуспешен. Очекувам критики кои се неосновани и критики кои немаат никаква врска со реалноста. Но, таква ни е опозицијата во овој момент. Се надевам дека ќе извлече поука, многу скоро програмски ќе се реструктурираат, но и кадровски ќе се освежат, бидејќи таму гледаме некредибилни луѓе. Имаме ние институционална меморија и знаеме што сѐ правеа во минатото, изјави Мицкоски по пуштање клон од градинка и спортска балон сала во населеното место Три Чешми во општина Штип.
Од коалицијата Влен за МИА велат дека нема да влетуваат „во замката на пратениците на ДУИ нон грата кои сакаат со интерпелациите да го отргнат вниманието на јавноста од вистинските прашања, како огромните корупциски скандали во нивните редови“.
-Пратениците на Влен нема да придаваат значење на очајничките потези на ДУИ нон грата кои 22 години од позиција на власт ги осиромашија Албанците, за сега како опозиција лажно да ги бранат. За потценувањето на интелигенцијата на Албанскиот народ за ДУИ нон грата следи жестока казна на локалните избори, посочуваат од Влен.
Вицепремиерот Меџити вчера во изјава за медиумите во Тетово коментираше дека поднесувањето интерпелација против неговата работа е демократски чекор што опозициската партија го користи само за партиска корист и спротивно на државните интереси.
– Интерпелацијата е демократски механизам и ние поддржуваме такви демократски методи, но за жал, тоа е покренето од една не демократска партија која веќе се соочува со големи проблеми и од бројот на тие што се на црната листа преовладуваат токму во овие структури и место да се засрамат и како да ги направат реформите да излезат од ова тешка ситуација, тие напротив сè уште прават тенденции за дестабилизација и магла само да се спасат од правдата, изјави Изет Меџити од Тетово.
Пратеничката група на СДСМ, како што изјави во средата портпаролката на партијата Богданка Кузеска, останува на веќе соопштениот став од почетокот на декември минатата година дека нема да ги поддржи четирите интерпелации поднесени за работата на вицепремиерите Меџити и Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Тошковски и неговиот заменик Исени. Додека во однос на интерпелацијата за Даути рече дека ставот ќе биде изграден на координација.
-Остануваме на ставот. Тоа е и одлука на Извршниот одбор на партијата. Нема да ги поддржиме и нема да гласаме за интерпелациите кои што се поднесени од ДУИ. Не се потребни нови поделби по етничка основа. За поднесување на интерпелација потребно е да се видат критериумите и секако сите оние аргументи кои се поврзани со лошото работење на некој министер за да може да бидат тие поднесени и да бидат поддржани. Пратеничката група на координација ќе го усогласи настапот на седницата, изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Пратениците од Левица, кои ја поднесоа интерпелацијата против Илире Даути, како што посочи за МИА Амар Мециновиќ, очекуваат широка поддршка во Парламентот, имајќи предвид дека законот кој таа го блокира е предложен од СДСМ додека ВМРО-ДПМНЕ преку нивната портпаролка Марија Митева најави дека би поддржале нејзина смена. Нивната пратеничка група нема да ги поддржи другите интерпелации поднесени од ДУИ.
Синоќа Левица преку соопштение побара власта да ја поддржи интерпелацијата против Илире Даути.
-Пратениците на Левица ја поднесоа оваа интерпелација поради нејзиното брутално кршење на Уставот и Деловникот, со кое спречува Законот за бранителите да се најде пред пратениците. Бидејќи пратеници од владејачкото мнозинство изминатиот период изјавуваа дека ќе поддржат интерпелација на Даути, очекуваме на утрешната собраниска седница мнозинството да ја изгласа интерпелацијата поднесена од Левица, посочија, меѓудругото, од партијата.