Пратениците едногласни – усвоени измените на Законот за минимална плата
Минималната плата од 18.000 денари треба да почнѐ да се применува со мартовската плата што ќе се исплати во месец април

Со 90 гласа „за“, без ниту еден „воздржан“ или „против“ Собранието денеска ги изгласа измените на Законот за минимална плата, кои треба да овозможат нејзино покачување на 18 илјади денари.
И на денешното, како и на претходните продолженија на расправата за Предлог измените на Законот за минимална плата, можеа да се слушнат различни мислења од пратениците од партиите на власт и од опозиција.
За пратениците од владејачкото мнозинство со ова законско решение ќе се подобри животниот стандард на околу 80.000 работници кои земаат минимална плата, а како што оценија, добро е и тоа што е променета методологијата за годишното усогласување и што минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.
Пратениците од опозицијата, пак, изразија жалење што не е прифатен нивниот амандман за скалесто зголемување на сите останати плати бидејќи инфлацијата, како што рекоа, влијае на животниот стандард на сите работници. Според нив, доколку се зголеми само минималната плата, а не и останатите плати, тогаш ќе дојде до урамниловка.

Предлог-измените на Законот за минимална плата беа доставени до Собранието откако по неколкудневни преговори на Економско-социјалниот совет на 7 февруари беше постигнат договор минималната плата да се зголеми на 18.000 денари со мартовската исплата во април. Зголемувањето на минималната плата ќе биде помогнато и од страна на државата која од Буџетот ќе одвои 16 милиони евра за плаќање на разликата во придонесите до крајот на годината.
Зголемувањето на минималната плата е барање на синдикатите, според кои, се работи за егзистенцијална потреба на работниците имајќи го предвид зголемувањето на животните трошоци и фактот што две минимални плати се малку за да се покрие минималната синдикална кошничка.
Собраниската седница продолжи со расправа по Предлог на закон за инспекциски надзор во животната средина, во прво читање.
Од Министерството за труд и социјална политика, појаснуваат дека измените на Законот за минимална плата со кои се дефинираат условите за минималната плата од 18.000 денари треба да почнат да се применуваат со мартовската плата што ќе се исплати во месец април.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вели дека со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, има двојно зголемување од 2016 година, со што станавме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата.
„Работниците и вреднувањето на нивниот труд се наш приоритет. Очекуваме ова законско решение да влијае позитивно и на останатите плати во другите индустрии, со што се подобрува стандардот на граѓаните. Од 2017 година имаме континуирано зголемување на минималната плата и тоа во 2017/2018 година на 12,000 ден, во 2019 година на 12,507 ден, во 2020 на 14,500 денари и во 2021 на 15,194 ден. Сега со новиот предлог од март 2022 година минималната плата ќе изнесува 18,000 денари за разлика од 2016 кога минималната плата изнесуваше 10.080 денари Со оглед на тоа дека методологијата е промената очекуваме и зголемување на продуктивноста на трудот“, рече Тренчевска.
Со новото законско решение старите критериуми се заменети со два нови поповолни критериуми со кои усогласувањето на минималнaта плата ќе биде: 50 отсто од порастот на просечно исплатената нето плата во Република Северна Македонија во петходната година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Третиот критериум е новина, со која висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57 отсто од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.

Според министерката Тренчевска вака дефинираната нова методологија покрај зголемувањето на минималната плата гарантира одржливост и континуиран раст на минималната плата, сразмерно со покачувањето на продуктивноста на трудот, што значи дека износот од 57 отсто нема да зависи од волјата на политичките субјекти кои се на власт.
„Законот за минимална плата е донесен на еден транспарентен начин преку социјален дијалог и преговори водени на Економско-социјалниот совет меѓу претставниците на работниците ССМ, на работодавачите ОРМ и на Владата. Зголемувањето на другите плати не е предмет на овој Закон, туку на матичните закони и на колективно договарање кое се прави помеѓу социјалните партнери, во случајот гранковите синдикати, репрезентативниот синдикат и соодветните институции без разлика дали се државни или приватни“, рече Тренчевска.
За спроведување на Законот за минимална плата до крајот на годината ќе бидат потребни 939.645.000 денари од Буџетот на Република Северна Македонија. Државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од минималната плата од 15.200 денари која се исплаќа сега, до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари.
Предвидената финансиска помош од Буџетот на Република Северна Македонија се однесува за периодот март-декември 2022 година истата ќе биде во износ од 1.197,00 денари. Притоа, се дефинира дека оваа финансиска помош им се обезбедува на работодавачите за работници на кои основната плата ќе се исплаќа до нивото на бруто плата во износ од 26.422,00 ден.