Познати двојките за полуфиналето на женскиот Мундијал


Женската фудбалска репрезентација на Англија им се приклучи на кодомаќинот Австралија, како и на Шпанија и Шведска во полуфиналето на Светското првенство, откако попладнево во четвртфиналето во Сиднеј ја совлада Колумбија со 2-1.

На Олимпискиот стадион пред речиси 76.000 гледачи, Колумбија поведе во 44 минута преку Лејси Сантос, а актуелниот европски првак го израмни резултатот во судиското продолжение од првото полувреме со голот на Лорен Кемп. Победоносниот гол го постигна Алесија Русо во 63 минута.

Полуфиналните натпревари на СП кое се одржува во Австралија и Нов Зеланд се на програмата на 15 и 16 август.

Во првото полуфинале во вторник Англија ќе игра против Австралија, додека ден подоцна ќе играат Шпанија и Шведска.