Познатата Весела Чернева била во Скопје да ја подготви посетата на Кирил Петков
Весела Чернева е еден највлијателните експерти за надворешна политика не само во Бугарија, туку и во регионот

Советничката за надворешна политика на бугарскиот премиер Кирил Петков, Весела Чернева, на 2 јануари го посетила Скопје, потврдиле од тамошната влада за Бугарската национална телевизија.
Чернева била во Скопје по задача на Петков заради подготовка на претстојната средба на бугарскиот премиер и Димитар Ковачевски подоцна овој месец, кога во Скопје треба да се избере новата влада.
Весела Чернева е меѓународно признат експерт за надворешната политика. Таа во моментов е заменик-директор на Европскиот совет за надворешни работи и шеф на канцеларијата во Софија. Фокусот на нејзиното истражување и делување се надворешната политика на ЕУ, како и Западен Балкан и регионот на Црното Море. Порано таа беше и портпарол на бугарското министерство за надворешни работи, како и секретар на Меѓународната комисија за Балканот.
Неодамна, таа во авторски текст објавен од Европскиот совет за надворешни работи напиша дека „Западен Балкан е во неволја и дека ЕУ треба да му понуди нешто ново“. Во овој текст кој го објави „Независен“, таа вели дека „ЕУ итно треба да го промени својот пристап – нејзиниот избор на ‘конструктивна двосмисленост’ повеќе не функционира и создава само иритација низ целиот регион“.
Чернева како главен експерт (предложена од „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков) при преговорите на коалициските партнери за новата бугарска влада ги претстави приоритетите за надворешната политика на Софија.
Очигледно, посетата на Скопје на Кирил Петков треба внимателно да се подготви за да не доживее фијаско. Прашање е сега како ќе се развиваат работите по барањата на Слави Трифонов од каолицискиот партнер Има таков народ до САД и ЕУ за тргање на блокадата на Македонија и тврдењата дека „северномакедонците“ имаат бугарско потекло.
Дополнително, не се знае што ќе донесе и средбата кај претседателот Румен Радев на Консултативниот совет за национална безбедност на 10 јануари, кога треба да се разговара за односите со Македонија.
Весела Чернева е многу познато лице во македонските кругови, особено во невладиниот сектер, заради долгогодишната соработка и внимателните анализи за односите меѓу двете држави. (Н.В.)