Познат идентитетот на загинатите во авионската несреќа кај Солунска Глава
Бугарските државјани Георги Бошнаков, неговата сопруга Калина и двете ќерки загинаа во авионската несреќа што попладнево се случи кај Солунска Глава, објавија дел од бугарските медиуми.
-Авионот Цесна за кој во 16:16 часот од М-НАВ беше пријавено дека се изгубил од радар, а полетал од Охрид за Софија од припадници на МВР е пронајден нешто по 19 часот на околу пет километри северозападно од Солунска глава, информира вечерва на прес-конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Тој информира дека од Охрид полетале четири лица, државјани на Република Бугарија, меѓу кои и едно малолетно лице.
-Лоцирани се преку воздушен простор. Временските услови на локацијата се лоши, па и покрај сите обиди да се пристапи до локацијата, тоа засега е невозможно поради непристапен терен. Се прават обиди во најскоро можно време да се дојде и физички до авионот, рече Ангеловски.
Загинатите лица се родени 2000, 2005, 1970 и 1972 година.
Поради лошите временски услови вечерва е прекината потрагата по урнатиот авион.
Остатоците од авионот се лоцирани на непристапен терен и голема височина, информираат од КИНСИВ – Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.
Оттаму додаваат дека потрагата ќе ја продолжат утре.
Со пронаоѓањето на остатоците од авионот, како што информираат од АЦВ, завршува акцијата за трагање и спасување. Сите активности ги презема КИНСИВ – Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.
Од АЦВ се должни за несреќата да ги информираат државите на производство на авионот, на регистар, како и сопственикот на воздухопловот.