Познат албански аналитичар најавува смена на Баша со Нишани


Во Албанија наскоро ќе почне движење „Баша оди си“, оцени познатиот албански политички аналитичар, Алфред Пеза, коментирајќи ја реакцијата на поранешната потпретседателка на опозициската Демократска партија (ПД), Јозефина Топали, која актуелниот партиски лидер Љуљзим Баша го нарече „предавник на демократите“.

Пеза тврди дека изјавата на Топали покажува оти Баша ги разочарал сите поддржувачи на Демократската партија.

Аналитичарот Пеза, кој бил главен и одговорен уредник во многу пишувани и електронски медиуми во Албанија, уште во петокот најави дека „по 1 јули Баша повеќе нема да биде на чело на ПД“.

– По 1 јули, ПД се подготвува да го замени Љуљзим Баша со Бујар Нишани. Дури и историскиот лидер, Сали Бериша, сфати што се случува, изјави Пеза гостувајќи во телевизиска емисија.

Тој уште додаде сега во ПД почнале да ги чувствуваат првите гласови против Баша, бидејќи се плашат од реакцијата на САД.

Педесет и тригодишниот Нашани беше шеф на албанската држава во период од 2012 до 2017 година.

Дел од албанските медиуми објавија дека почесниот претседател на ПД, Сали Бериша денеска бил виден како влегува во седиштето на партијата за да се сретне со Баша.

Според најавата, Баша и Бериша ќе разговарале за политичката ситуација по вчерашните локални избори и активностите кои обединетата опозиција ќе ги превзема во иднина.

Демократската партија која ја предводи обединетата опозиција ги бојкотираше вчерашните локални избори, па ги изгуби и 15 општини каде на изборите во 2015 година освои градоначалнички места.