Повторно дојави за бомби во училиштата, евакуирани „Карев“, „Орце“ и „Јосип Броз“


Илустрација - Фото: Б. Грданоски

Попладнево учениците од втора и четврта година од скопската гимназија „Никола Карев“ се евакуирани по дојава за поставена бомба.

Исто така, eвакуирани денеска се и „Орце Николов“ и „Јосип Броз Тито“.

Припадници на антитерористичката единица со кучиња трагачи ги пребаруваат објектите.

Во СВР Скопје, денеска околу 14 часот е пријавено дека на меил адреси на четири (до овој момент) училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба.

-Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, потврдија од МВР. 

Со оглед на тоа што со часови трае проверката на сите простории во училиштето, наставата за нив денес веројатно нема да има.
 
Минатата недела во средата, четвртокот и петокот, повеќе скопски училишта добија мејлови со закани за поставени бомби, што по извршените проверки од страна на полицијата се утврдија дека се лажни дојави.

 

Лажни дојави во скопските гимназии и стручни училишта имаше и во средата, а доцна вечерта полицијата осомничи активистот Никола Николовски кој по проверката беше ослободен.

Вчера, пред скопските средни училишта имаше полициски автомобили со неколку полицајци кои патролираа околу школите за безбедност на учениците.