Повлекувањето на „Мекдоналдс“ од Русија и Украина досега го чинеше 127 милиони долари

Повлекувањето на „Мекдоналдс“ од Русија го чини многу пари – и храна.
Компанијата минатиот месец објави дека привремено ќе ги затвори рестораните во Русија и Украина поради војната таму. Тие исклучувања, според Си-Ен-Ен, го чинеа „Мекдоналдс“ 127 милиони долари во првиот квартал.
„Мекдоналдс“ во март објави дека ќе продолжи да ги плаќа своите 62.000 вработени во Русија, и покрај суспензијата на бизнисот во земјата. Извршниот директор Крис Кемпчински додаде за време на разговорите со аналитичарите во четвртокот дека „Мекдоналдс“ ги поддржува и украинските вработени.
„Во двете земји продолживме да ги плаќаме вработените и да им даваме дополнителна поддршка“, додаде тој.
Тие трошоци за персоналот, плус плаќањата за изнајмување и залихите, досега ја чинеа компанијата 27 милиони долари. Останатите трошоци од 100 милиони долари потекнуваат од храна и други производи од двете земји.
„Резултатите вклучуваат… 100 милиони долари трошоци за залихи во синџирот на снабдување на компанијата, кои најверојатно ќе бидат откажани поради привремено затворање на рестораните“, се вели во соопштението на компанијата.
„Мекдоналдс“ ќе понуди ажурирани информации за своите планови за регионот до крајот на вториот квартал, рече Кемпчински.
На крајот на минатата година, според документот на инвеститорите, во Русија имало 847 ресторани на „Мекдоналдс“. Заедно со уште 108 во Украина, тие заедно сочинуваа 9 отсто од приходот на компанијата во 2021 година.
Затворањето го погоди нето приходот на „Мекдоналдс“, кој падна за дури 28 отсто во трите месеци до 31 март. Во другите региони, продажбата на „Мекдоналдс“ порасна.
На глобално ниво, продажбата во рестораните кои работат најмалку 13 месеци скокна за 11,8 отсто во кварталот. Во САД, продажбата порасна за 3,5 отсто, делумно поради повисоките цени.
Во првиот квартал, цените на „Мекдоналдс“ се зголемија за околу 8 отсто, што влијаеше на растот на прометот.
„Потрошувачите дефинитивно се загрижени за инфлацијата“, рече Кевин Озан, главен финансиски директор на „Мекдоналдс“.
Тој укажа на загриженоста за цените на енергијата и бензинот, а поради зголемените трошоци, производите во рестораните на „Мекдоналдс“ поскапеа за околу 6 отсто во текот на минатата година.