Повик за масовен протест за Феликс на 15 јуни


Зеллен хуман град заедно со организации за заштита на животните од цела Македонија повикува на протест в недела за да бараат правда за убиството на кучето Феликс. Во повикот стои:

-Обвинителството заврши со излагање на доказите во случајот на Феликс. И покрај обемните непобитни докази, вклучително и видеа на кои се гледа свирепото убиство на едно невино суштество — се гледа како убијците го влечкаат врзан со жица за да му го фрлат искршеното тело деформирано од крвничко тепање во контејнер! — на нивните лица во судницата ниту еднаш не се виде грам каење!

Напротив, тие не само што инсистираа дека не се виновни, туку од досега чуеното од одбраната – ќе тврдат дека Феликс „сам си го барал да го убијат“ зашто им извршил нужда пред оградата!!!Овој стравичен настан не е изолиран! Тој е само уште едно во низата сведоштва за системскиот неуспех во заштитата на животните, за индолентноста на институциите и за отсуството на казни за насилство врз послабите.

Феликс, за жал, не е прв случај на грозоморно убиство. Ги паметиме Идриз, Рекс, Белка, Томи, Мила и илјадници други знајни и незнајни жртви на човечката девијантност и пакост. За ниту една од овие жртви не беше изречена затворска казна! Доста е! Време е македонските институции да излезат од вртлогот на беззаконието и да покажат дека се кадарни да ни обезбедат правда и заштита. На насилни убијци местото не им е на слобода! Тие се закана по безбедноста на секој од нас!

Затоа, на 15 јуни (недела) ве повикуваме на мирен, но гласен и масовен протест!Кога едно убиство — најтежок облик на кривично дело — останува неказнето, тоа е тешка повреда на правниот и на моралниот поредок во целото општество. Кога убиец останува на слобода се губи доверба во институциите (полиција, обвинителство, судство), се праќа порака дека животот нема вредност, се поттикнува култура на страв и молчење, наместо правда и одговорност, а насилството се нормализира! Кога нема казна, има повторување! Правдата не е избор, туку обврска на едно демократско и хумано општество!

Феликс — симбол на добрината, верноста и кроткоста — беше брутално убиен. Феликс не беше само уште едно бездомно куче, не беше само уште една несреќна жртва! Неговото убиство не смее да помине неказнето! Правдата не дискриминира по вид, тежина, крзно или опашка. Живот е живот! Судот мора да изрече затворска казна ако сакаме и најмал зрак на надеж дека слични дела нема да се повторуваат во иднина! 

Детали за точното време на протестот и маршрутата ќе објавиме наскоро! Протестот го организира граѓанската иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД заедно со активистички здруженија и групи за заштита на животните од цела Македонија:

Здружение за заштита на животните АНИМА МУНДИ, Скопје
Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н., Скопје
Граѓанско движење Национален ден на правата на животните Македонија, Скопје
Kumanovo Animal Save
Animal Lovers Strumica
Animal Voice Bitola
АРК АНИМАЛИС, Битола
Здружение за заштита на животни и животна средина ШЕПАСТИ ЕНТУЗИЈАСТИ, Скопје
PRO ANIMA – Здружение за заштита на животните, Берово
Срце за животните Тиквеш
Мали херои, Битола
Здружение за заштита на животните „СПАСИ ЖИВОТ“, Штип
Граѓанската асоцијација за унапредување на инклузивноста во градот и градските простори „ХУМАНИ ГРАДОВИ“, Скопје.