Министерство за култура и ФИТР: Го штитиме македонскиот јазик преку дигитализација на над 5 милиони записи на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”

Јазични записи на повеќе од пет милиони ливчиња, собирани со децении на терен, кои се чуваат во картонски кутии во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, ќе бидат дигитализирани со заеднички проект на Министерството за култура и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Тие денеска објавија повик за компании заинтересирани за реализација на проектот, а апликациите ќе може да ги поднесат до 21 октомври 2021.
Целта е соодветно и итно да се заштити лексичкиот материјал и во план е за најмногу две години да се создаде дигитална архива во која записите, меѓу кои има и стари повеќе од 500 години, ќе бидат заштитени. Ќе има и специјален софтвер за пребарување, со што ќе станат достапни за користење за истражувачи од земјава и од странство, за студентите по филологија, но и за сите заинтересирани за македонскиот јазик.
Компанијата што ќе победи на јавниот повик ќе го добие целиот износ предвиден за проектот односно 14 милиони денари, од кои 9 милиони од ФИТР и 5 милиони денари од буџетот на Министерството за култура.
Министерката Ирена Стефоска на прес-конференција рече дека иако се работи за непроценливо духовно наследство, тоа се уште се чува во картонски кутии и дигитализирањето се одвива многу бавно – 140 илјади ливчиња за девет години. Со тоа темпо, рече, ќе бидат потребни 400 години да се дигитализираат сите рачно напишани материјали што ги поседува Институтот.
– Ако сме согласни дека македонскот јазик е клучот на културниот идентитет, тогаш неговото зачувување би требало да биде врвен приоритет. Сакаме и мора да ги заштитиме овие јазични записи за следните поколенија кои растат во екот на дигиталната ера, рече Стефоска.
Посочи дека во картотеките има стотици илјади зборови од стари ракописи пишувани со векови во македонските цркви и манастири, неколку милиони ливчиња со зборови кои се користат секојдневно, односно дијалекти карактеристични за над 400 населени места.
-Стотици илјади ливчиња со запишани имиња, презимиња и прекари на Македонците, како и имиња на населени места – топоними. Милиони ливчиња со прекрасни македонски зборови од стандардниот и од народниот јазик кои имаат едно или повеќе значења. Сите овие записи се испишани рачно, низ разговор со типични репрезенти, говорители ан македонсиот јазик во текот на шест децении наназад, насекаде каде што се зборува македонски. Ако собраниот материјал не се зачува и искористи навремено, тој повеќе нема да ја отсликува реалната ситуација на теренот. Со тоа може да се заборави, да се изгуби исклучително значајно лексичко богатство, истакна министерката за култура.
Директорот на ФИТР Коста Петров посочи дека проектот за дигитализација на картотеките е значаен зашто овозможува заштита на македонскиот јазик, неговите дијалекти и топонимијата на државата. Може да се пријават микро, мало или средно претпријатие, со најмногу 250 вработени и регистрирано во Централниот регистар. Петров ги соопшти спецификите за јавниот повик и критериумите за апликантите кои ги има на веб-страницата fitr.mk/digitalmk/ каде што е достапна целата проектна апликација.
-Целта на предизвикот е да се поттикне развој на иновативно решение за заштита. Ова е наменски проект со кој се прави заштита и унапредување на националното културно наследство, посочи Петров. Аплицирањето за проектот е онлајн и ќе трае до 21 октомври 2021 до 14 часот.