Повеќејазично читање на „Циклусот за светулките“ од Матеја Матевски в петок во ДПМ


Повеќејазично читање на „Циклусот за светулките“ од Матеја Матевски, ќе се одржи на 13 март 2026 (петок), во Друштвото на писателите на Македонија, во 19 часот. 
 
Во текот на октомври и ноември 2025 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ се одржа студентска преведувачка работилница посветена на песните од поетскиот „Циклус на свелулките“, објавен во стихозбирката „Круг“ (1977) од Матеја Матевски (1929-2018). Во работата се вклучија 90 наставници, странски лектори и студенти од речиси сите катедри на Филолошкиот факултет. За организацијата и реализацијата на активностите во својство на координатори се погрижија проф. д-р Катарина Ѓурчевска-Атанасовска и виш лектор м-р Валентина Милошевиќ-Симоновска.
 
Како плод од работилницата неодамна Филолошкиот факуилтет објави повеќејазично печатено и електронско издание од студентските преводи на поезија од Матеја Матевски на 17 јазици: албански, англиски, германски, италијански, јапонски, полски, португалски, романски, руски, словенечки, српски, турски, унгарски, француски, хрватски, чешки и шпански, Повелете на настан на кој студентите-преведувачи ќе ги претстават препејаните песни на еден од најзначајните македонски поети и препејувачи, токму на неговиот роденден. 
 
Повеќејазичното читање е дел од календарот на јавни настани на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кој годинава го слави јубилејот 80 години од основањето, а е соорганизиран со ДПМ.