Повеќе од 8.200 полуматуранти останаа незапишани во средно училиште
Во првиот упис во средните училишта успеаја да се запишат 11.860 полуматуранти од пријавените 16.676. Меѓутоа, 8.204 деветтоодделенци останаа надвор од образовниот процес, имајќи предвид дека основно образование завршија 20.030 полуматуранти. Законот е јасен – средното образование е задолжително веќе единаесетта година, односно од учебната 2008/2009 година, а родителите чии деца нема да се запишат во средно училиште се соочуваат со казни од 800 евра. Министерот за образование и наука Арбер Адеми апелираше оние деца што не поднеле документи за упис или, пак, биле одбиени во првото пријавување да се запишат во следните пријавувања.
„Средното образование е задолжително. Очекувам во второто пријавување останатите слободни места да се пополнат, имајќи предвид дека се наменети за завршените деветтоодделенци“, рече Адеми.
Во гимназиско образование се примени 4.464 ученици, во стручно 7.000 , а 248 ученици во Спортска академија и 120 во спортската гимназија. За второто пријавување остана слободни 23.410 слободни места. Иако во стручните училишта се запишаа 2.536 повеќе ученици отколку во гимназиите, сепак во поголемиот број училишта што нудат технички струки бројот на запишани е мал. Во СУГС „8 Септември“ се запишале само 25 ученици, а со конкурсот предвидени се 275 места. Директорот на училиштето Кенан Асани вели дека е задоволен од бројот на запишани ученици и очекува во следните две пријавувања да се запишат уште. Потсетува дека лани и по завршувањето на уписите запишале само 14 ученици.
„Од запишаните 25 ученици,13 имаат многу добар и одличен успех од основното образование, што досега не било така. Во училиштето нудиме тригодишно образование во машинска струка, за образовните профили инсталатер за водоводни цевки, заварувач, бравар, обработувач на метал и металостругар и четиригодишно образование за машинска струка, за профилите како автомеханичар-мехатроничар, машински техничар и техничар за компјутерско управување. За сите запишани се обезбедени стипендии и загарантирани вработувања во компаниите со кои имаме соработка. Плановите се од следната учебна година и ова училиште да биде опфатено со дуално образование“, вели Асани.
Претставници од Министерството за образование и наука изминатиот период беа во сите општини каде што ја презентираа важноста на средното стручно образование за младите, укажувајќи им дека токму за ваков кадар е во дефицит во државата, а со тоа и стопанството се соочува со проблем бидејќи не можат да најдат квалификувани работници. По првото пријавување, министерот смета дека кампањата „Одбери стручно – средно што е вредно“ дала позитивен резултат.
„Бројката на запишани ученици во стручните училишта е во пораст во споредба со минатите години. Сметам дека и натаму оваа кампања треба да продолжи, од аспект на тоа да и им се укаже на граѓаните кои се придобивките од средното стручно образование, но исто така и да се подигне свеста за потребата и неопходноста од вакви кадри за нашето општество, за нашата држава, за нашето стопанство. Резултатите од првото пријавување се задоволувачки и се во рамки на нашите очекувања“, посочи Адеми.
Инаку, Министерството донесе одлука и во средното стручно училиште „Димитар Влахов“ во Струмица кандидатите што конкурирале за упис за смерот медицински сестри да не полагаат квалификационо тестирање и 38 кандидати да бидат запишани во постоечката паралелка за насоката каде што сакале да учат.
„Оваа година се соочивме со оваа ситуација, не станува збор за голема бројка на ученици. Имајќи ги предвид сите околности и малиот број на ученици, одлучивме да не остане ниедно дете на улица и да ги запишеме во училиштето во кое сакаат. Ова нема да влијае на нашата определба за поголема промоција и поддршка на средното стручно образование. Имаме целосна реформа на средното стручно образование и повеќе од 1.000 нови наставни програми за четиригодишното образование. Соодносот на предметите е 55 отсто стручни, а 45 отсто општообразовни предмети, со повеќе практична настава. Истовремено промовираме и даваме поддршка на дуалното образование. Ако во 2017 година сме почнале со 33 ученици во дуално образовани, во 2018 со околу 200, оваа година ќе бидат опфатени речиси 300 ученици“, додаде Адеми.
Вториот упис на учениците ќе се врши на 24 и 25 јуни, а резултатите и слободните места ќе бидат објавени на 26 јуни, додека третото пријавување е на 1 јули, а следниот ден на огласните табли на училиштата ќе бидат истакнати резултатите од уписот.
Слободни места во вториот упис има за 23.410 ученици, и тоа за гимназиско образование 5. 983 места . Конкурсот за запишување е завршен во атрактивните скопски гимназии „Раде Јовчевски Корчагин“, „Никола Карев“ и „Георги Димитров“, како и во битолската гимназија „Јосип Броз Тито“. Целосно се пополнети местата за здравствената струка во средните училишта во Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Охрид, Струга, Струмица, Тетово и Штип. Места нема и во електротехничката струка за компјутерска техника и автоматика, во средните училишта во Битола, Кочани, Прилеп, Струга, Штип и Струмица, а пополнети се и паралелките за дел од образовните профили во економско-правната и трговската струка, за угостителско-туристичката струка и за лични услуги и машинската.
Вероника Мароска-Леова