Повеќе од 40 камиони земја посипани на местото каде гореше пластика во Трубарево

Повеќе од 40 камиони земја посипани се на локацијата во Трубарево, каде неколку дена гореше отпад, кабли и пресувани возила, па повеќе нема бел чад, ниту мирис на изгорена пластика, кабли и слични штетни материјали, објави градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски.
Претходните вечер, до 2 часот по полноќ комуналните редари од Секторот за инспекција на Општина Гази Баба, биле на терен, од вчераутро продолжиле со активностите за откривање на изворот на загадувањето.
Стефковски најави дека на терен ќе се продолжи со работа и утрово,
Инаку, вчера, во текот на денот, инспекциската служба на Општина Гази Баба, при сеопфатна теренска акција, пронајде локација во непосредна близина на Трубарево, од која се ширеше густ бел чад.
При увидот на лице место, утврдено е дека од страна на непознат сторител била истурена и запалена поголема количина отпад – делови од возила поминати на преса.
При горењето се ширеше неподнослив мирис на изгорена пластика, кабли и други штетни материјали, што директно го загадуваше воздухот.
„Локацијата е тешко пристапна, но токму тоа, заедно со природата на отпадот, јасно укажува на намера – нарачан, свесен, човечки чин со огромни последици! Оваа локација е директен причинител на загадувањето и непријатниот мирис кој ги погоди граѓаните од делови на Гази Баба и Аеродром во изминатите денови“, соопшти синоќа општината.
Најавија дека екипите на ЈКП Гази Баба и инспекцијата се на терен и ќе останат таму сè додека целосно не се расчисти локацијата.
Пакетот мерки што беше објавен, останува на сила и ќе се спроведува и утре и во деновите што следат.
Претходните денови, во делови од Аеродром и Гази Баба се ширеше неподнослива смрдеа на изгорена гума и пластика, а граѓни реагираа по социјалните медиуми, но и пријавуваа во полиција, општина, ЦУК и дргуи институции.