Повеќе од 18 милиони евра за обновување црква, театар, Бања Банско и манастир во Струмица


Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денес ја реализираше својата работна посета на Општина Струмица, при што најави важни капитални проекти кои Министерството ќе ги реализира во следниот период. По завршената средба со локалните власти и културните институции, министерот истакна дека во изминатите месеци е вложен значителен труд во развојот на стратегија за заштита на културното наследство, со цел да се утврдат приоритети за работа низ цела Македонија.

„Денес со големо задоволство ги најавувам четирите капитални проекти кои ќе започнат годинава во Струмица“, изјави Љутков. „Овие проекти не само што ќе ја подобрат инфраструктурата, туку и ќе придонесат за зајакнување на нашето културно наследство и подобрување на животот на граѓаните.“

Проектите кои беа најавени вклучуваат:

Конзервација, реставрација и санација на црквата „Свети Кирил и Методиј“ – Проектот, кој ќе биде реализиран во соработка со Завод и музеј Струмица, е од исклучителна важност за локалната заедница. За него ќе бидат обезбедени 15 милиони денари, а распишувањето на јавната набавка ќе започне овој месец.

Довршување на Стариот струмички театар – Овој проект, кој беше запоставен од претходната влада, сега повторно е во фокусот на Министерството. За целосната реализација на овој објект, се одвоени над 196.000.000 денари.

Проект за кровна конструкција на термалното лекувалиште Бања Банско – Со поддршка од Европската унија, проектот е веќе одобрен, а за него се предвидени над 25.000.000 денари. Во склоп на проектот ќе биде поставен инфо пункт за туристи.

Конзервација и санација на кровот на манастирот „Св. Леонтиј“ во Водоча – За реализација на проектот, кој е од суштинско значење за историјата на Струмица, ќе бидат одвоени 1.200.000 денари.

Министерот Љутков истакна дека во рамките на посетата остварил работна средба со Драган Маџиров, директорот на ЦК Антон Панов, при што размениле информации за тековните активности и идните програми. 

„Очекувам богата културна програма и зголемување на активностите во Струмица, што ќе доведе до значителен напредок во културниот живот на оваа општина“, додаде Љутков.