Потребно воспоставување мерит систем во изборот на членови на управните одбори во јавните претпријатија


Во 250 институции во државата со управни и надзорни органи, кај 60 проценти има директори со целосна функција, а кај 40 проценти се назначени вршители на дејност. Во овие институции има околу 3000 лица кои се членови на управни и надзорни одбори кои треба да вршат надзор над работата на институциите, а нема воедначеност, туку разноликост во однос на тоа како е уреден начинот на плаќање на надоместоците. Онаму каде што има надомест по седница бројот на седници е значително поголем, а бројот на точки на дневен ред значителен помал.

Ова го покажуваат Извештаите од следењето на управувачките структури на институциите од јавниот сектор и на нивното финансиско и материјално работење што денеска го презентираше Центарот за управување со промени. Биле анкетирани од 423 институции, но одговор пристигнал од 250.

Според извршната директорка на ЦУП Неда Малеска Сачмароска, ваквите наоди од истражувањето покажуваат проблеми од структурна природа, односно кои се провлекуваат со години, а тоа е дека се уште го користиме институтот вд директор. 

-Најчесто вд -та се именувани заради тоа што или не ги исполнуваат критериумите во делот на образование или во делот на странскиот јазик што е посебен проблем во руралните средини, но и заради тоа што ова е полесен начин на избор и именување од страна на органот кој што го именува наместо на конкурс, вели Малеска Сачмароска.

Според, неа, проблем е и што дел од управните и надзорните одбори не ја вршат таа надзорна функција, и ова се однесува пред се, на јавните претпријатија, на здравствените, на установите од областа на културата и на образованието.

-Во делот на износите и во делот на трошоците на државата за оваа намена има намалување, односно во извештајниот период 2015-2018 кога го направивме првото истражување за управните одбори и надзорните одбори државата трошела 2,5 милиони евра годишно за вакви надоместоци. Сега овие трошоци нашата проценка е околу 1,9 милиони евра направена според бројот на членови и по она што го гледаме колкави се надоместоците од оние коишто ни ги дале податоците. Генерално заклучоците се дека и овие луѓе се држат под радарот на јавноста, дека е неопходно институциите првин да воспостават добри критериуми за членовите на управните и надзорните одбори, тие да бидат јавно достапни заедно со нивните биографии, што во овој случај не е така. Има институции, има добри примери каде што можеме да забележиме дека имињата на членовите и нивните биографии се објавени, но тоа не важи за сите 500 институции, вели Малеска Сачмароска.  

Таа посочува дека има сериозни структурни проблеми и во делот на јавните претпријатија.

-На пример имаме јавни претпријатија коишто се соочуваат со проблеми заради неможноста да ги приберат комуналните такси бидејќи нема население во руралните средини, а од друга страна треба да се собере сметот, треба да се пушти вода. Така да тука има сериозни структурни проблеми заради што треба да се размислува за некакво окрупнување на овие услуги за граѓаните во определени региони бидејќи на крај ќе се соочиме со банкрот на голем дел од ваквите јавни претпријатија. 

Во областа на културата препорачуваат да се уредат сите овие аспекти на начинот на којшто се управува и раководи со институциите, значи да се уредат надоместоците на членовите на управните и надзорните одбори, да се преиспита системот на плати. 

-Целиот овој концепт на реорганизација, за кој зборуваме подолго време и за којшто се трошат огромни финансиски средства треба да биде повеќе насочен кон овој тип институции, јавни установи коишто ги има околу 920 на број се на се, наместо да се занимава само со управните организации коишто во голема мера се регулирани. Не велам дека и таму не треба да има промени,  меѓутоа на терен овие податоци од истражувањето не само прибрани по слободен пристап имавме фокус групи со сите типови на институции, самите луѓе и институциите ги чувствуваат овие проблеми. Значи ги чувствуваат во смисла на испорака на она што треба да биде резултат од нивното работење, бидејќи кога ќе ги погледнете финансиските извештаи можете да видите дека голем дел од нив се однесуваат на плати, многу мал дел во капиталните расходи може да видете реализација на активностите што исто така говори за ефикасноста на институциите, потенцира Малеска Сачмароска.  

На новинарско прашање Малеска Сачмароска вели дека на големиот број присутни вршители на должност најмногу влијаат политичките пазарења, бидејќи не успеваме да воспоставиме мерит систем во тој дел.

-Законот за висока раководна служба долго време е во кулоарите на институциите, бидејќи објавен е на ЕНЕР но не е во никаква процедура, а тие политички пазарења влијаат бидејќи во принцип понатаму нема начин како да се проверат компетенциите и квалификациите кога вие веќе ќе ги распеделеите позициите по основ на некаков коалициски договор, вели Малеска Сачмароска.

Таа посочува дека тоа е посебно пример кај јавните претпријатија кои се основани од локалните самоуправи, а што и самите дел од нив го посочуваат, дека често добиваат вработени од општините наместо тие самите врз основа на своите потреби да објават конкурси.  

-Едно е да се злоупотребува заради тоа што политиката сака да ги држи во неизвесност овие вд и може да ги разреши во секој момент бидејќи вд директор е иниостутут кој треба да трае само шест месеци, друго е воочувањето дека ако не ги исполнуваат критериумите според законот, не можат да ги назначат за директори

Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, на панелот одржан по презентација на извештаите, вели дека од осамостојувањето до денеска многу малку се обрнувало внимание на прашањата за добро владеење, подвлекувајќи дека и на локално ниво потребно е да се воспостави поголемо чувство на одговорност и ефикасност во управувањето со средствата.
 
-Ваков тип на политика не може да дојде од страна на централната власт и нема ни потреба да доаѓа од централната власт, вели Грковска
 
Таа со пример за лошото работење на комуналните јавни претпријатија за вода.
 
-Не се води сметка за загубата на водата, што е нотирано во сите извештаи и е посочено како еден од главните проблемни, но ниту едно од претпријатијата не води сметка за суштинската загуба на водата. Ако вие направите детекција на загубата на водата во инфраструктурата, и ако тој проблем го премостите, тогаш автоматски ќе имате заштеда на струја заради тоа што пумпите ефикасно ќе испорачуваат, а бидејќи работат на струја помала ќе биде поттрошувачката на струја, виза ви испораката на вода на граѓаните, вели Грковска.

Вицепремиерката Грковска, меѓу другото, наведува и дека дигитална трансформација на општеството, треба да резултира во воспоставување регистри и да овозможи потполна транспарентност и отвореност на инстутицииите, а како меѓумерка се користи упатството за транспарентност, подготвено заедно со Центарот за управување со промени и со Агенцијата, и преку одлука на Влада ги задолживме сите институции во одреден период да ги објават проактивно сите документи информации што се наведени во упатството.

-Тоа е една меѓумерка која ќе ги навикне на проактивно објавување институциите. Имаме прилично голем напредок во овој дел, јас сум убедена дека со ова упатство уште повеќе ќе се зголеми транспарентноста на институциите, и нема да бидеме во ситуација да имаме такви коментари од типот дека некои информации не биле достапни во смисла на плати и други податоци, вели Грковска. 

Како позитивна перцепција во Извештајот, се посочува на последните измени на Законот за јавните претпријатија  со кои се утврдени определени критериуми кои треба да ги исполнуваат членовите на управните и надзорните одбори кои се поврзани со надлежностите на одборите, се дефинира постапката за нивен избор, под координација на вицепремиерката Грковска е усвоен Правилник во таа насока, но и е намален бројот на членови на управните одбори со што се обезбедува и значителна рационализација на процесот.
 
На денешната презентација на Извештаите, покрај тимот на Центарот за управување со промени предводен од Неда Малеска Сачмароска, учествуваа и претседателката на Државната Комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска, главниот државен ревизор Максим Ацески, Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл и Миша Поповиќ од Институтот за демократија.