Потребни ни се повеќе средства и кадри, не за повисоки плати туку за да работиме, вели Јавниот обвинител Коцевски


Јавниот обвинител Љупчо Коцевски, денеска пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, алармираше за состојбата во обвинителствата, укажувајќи дека недостигаат финансиски средства и кадар. Тој ова го кажа пред почетокот на расправата за Предлог-буџетот за 2026 година во кј, како што укажа, повторно за овој сектор се проектираат помалку средства од законски предвидените и од минимално неопходните. Според Коцевски зголемувањето на буџетските средства не е потребно за зголемување на платите на јавните обвинители, туку за извршување на нивната работа. Тој посочи дека состојбите со кадрите се влошуваат – за помалку од две години заминале 40 лица, а нивните места не се пополнети.

„Многу размислував дали да се обратам пред пратениците, затоа што барањата се исти како и минатата година“, рече Коцевски, посочувајќи дека дотолку повеќе што истите барања, кои ги истакнува секоја година, пред неколку дена ги потврди и Европската комисија во извештајот за Македонија, каде што се нотира дека за ефикасна борба против криминалот и корупцијата, мора да се овозможат ресурси и финансиска независност на Обвинителството и на правосудството воопшто.

„Сепак, избрав да зборувам. Прво, затоа што навистина верувам во моќта на пратениците да ни ги овозможат ресурсите што ни се неопходни за да можеме да работиме. Второ, затоа што имам обврска да ви укажам дека состојбата со која сме соочени станува алармантна. Повторно, и за в година, наместо законски предвидениот минимум од 0,4 отсто од вкупниот буџет, се предлагаат едвај 0,2 отсто за потребите на Обвинителството. Во вкупен обем на средства износот е дури и помал отколку во тековната година. Тоа е апсолутно нелогично во услови кога сите трошоци растат“, рече Коцевски.

Тој нагласи дека не станува збор за зголемување на платите, туку се намалуваат средствата за договорни услуги од каде се исплаќаат вештачењата, како и трошоците за истражни дејства и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат.

„Во Предлог-буџетот планираните издвојувања за плати се до денар исти како и годинава, а не се предвидени средства ниту за додатоци, кои законски им следуваат на вработените“, рече тој.

Истовремено, како што додаде, потребите постојано растат, вештачењата поскапуваат, а за голем број сериозни и сложени кривични дела воопшто нема вешти лица во нашата држава, па потребно е да се ангажираат експерти од странство. 

Во однос на проблемот со кадрите, Коцевски рече дека за помалку од две години има одлив од над 10 отсто вработени, како и дека работат со едвај една третина од потребниот број вработени. Уште повеќе загрижува што од почетокот на 2024 до денес, односно за помалку од две години, има одлив од над 10 отсто од вработените. Во истиот период не е одобрено ниедно ново вработување, ниту пополнување на испразнетите места.

„Ново вработување во службата не ни е одобрено ни за 2026 година, па очекувано е бројот на вработени дополнително да се намали. Иако недостигаат речиси 30 отсто и од потребниот број јавни обвинители, поради блокираниот прием во Академијата, најмалку во следните три и пол години нема да биде примен ниеден нов јавен обвинител. Со оглед на обемот на работа, кој постојано расте, ваквата состојба е навистина неодржлива“, рече Коцевски.

Освнувајќи се на досега сработеното тој се осврна на истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, која Обвинителството ја заврши за помалку од 2,5 месеца и ги обезбеди сите потребни докази.

„Овој предмет е вистинска потврда зошто е толку важно да се негуваат и да се инвестира во ресурсите на Обвинителството, но и на правосудството во целина. Ваквите трагични настани никој не може да ги предвиди, а ние мора да имаме услови за да овозможиме ефикасна правда. Освен ова, по целосно спроведени истраги, во судска постапка влегоа многу сложени предмети, како што е ‘Онкологија’, злоупотребите откриени во предметот ‘Адитив’, повеќе злосторнички групи, кои се обвинети за трговија со дрога и убиства“, рече Коцевски.

Притоа, Коцевски илустрираше колку финансиски средства се потребни за решавање на одделен предмет, како на пример сложени предмети од областа на еколошкиот криминал.

„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција работи на предмет поврзан со квалитетот на набавките на мазут и неговото влијание врз здравјето на граѓаните. За вештачење на само еден примерок, кое мора да се врши во странство, потребни се 1.500 евра, а треба да се вештачат можеби 300 или повеќе примероци“, рече Коцевски, додавајќи дека минатата година обвинителствата решиле приближно 20 илјади предмети, а дополнително се постапува и во предистрага и во судска постапка.

„Во вакви услови, додаде тој, секој вработен во Јавното обвинителство во моментот извршува работни задачи за најмалку 4-5 предвидени работни позиции“, рече Коцевски посочувајќи дека извештајот на Европската комисија за нив не е изненадување.

„Сметав дека е потребно да апелирам до вас уште еднаш да го разгледате Предлог-буџетот за 2026 и да ги зголемите финансиите за Јавното обвинителство. Средствата што ние ги бараме не излегуваат надвор од законски предвидените рамки и ни се неопходни за ефикасна работа“, апелираше Коцевски.