Потребен ни е нов Кривичен законик, базиран на европското искуство, вели премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека е потребен нов Кривичен законик кој ќе биде базиран на европското искуство, затоа што овој Кривичен законик ваков каков што е, ќе значи амнестија за дел од сторениот криминал за кој што постои основано сомнение и докази.
-Овој Кривичен законик ваков каков што е сега, условно кажано ќе значи амнестија за дел од сторениот криминал, за кој што постои основано сомнение и докази, дали во фаза на истраги или во судска фаза. Тоа е затоа што овој Кривичен законик за тие случаи е поповолен и согласно Уставот, тоа ќе значи застарување на делото, без разлика дали ние ќе носиме нов закон. Не може новиот да го надсинхронизира овој кој што постои. Новиот Закон не може да ги врати тие дела, посочи Мицкоски во интервјуто за МРТ од Брисел.
Тој е дециден дека ни е потребен нов Кривичен законик базиран на искуствата од земјите членки на ЕУ.
-Нов Закон базиран на европско искуство ќе биде дел од сеопфатната реформа во судството и обвинителство кај нас и да, планираме такво нешто да направиме, додаде Мицкоски.