Потребен е сеопфатен пристап за закон за рестриктивни мерки, заклучок на кривичарите


 

Предложените измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки содржат погрешен концептуален пристап. Мерките како резултат на правни акти на меѓународните организации се применуваат директно, се однесуваат на тероризам и пролиферација и со оглед на тоа што државата се обврзала при членството во организациите, неспорна е надлежноста на Владата да донесува соодветни одлуки за постапување по таквите меѓународни правни акти. Правните акти донесени од страна на странски држави не може директно да се применуваат, владата нема надлежност да постапува, владата не е  надлежна да донесува мерки на забрана, финансиски мерки против домашни физички и правни лица.

Вакви зклучоци донесе Здружението за кривично право и криминологија на Македонија во расправата по предложениот закон за рестриктивни мерки. Во заклучоците се наведува дека е неспорна потребата од сериозна расправа за изнаоѓање најсоодветни механизми за импликациите од правните акти на странски држави, што е и главен повод за измените и дополнувањата на Законот за рестриктивните мерки.

Се констатира дека поради повеќе аспекти и тоа: меѓународниот аспект (обврските преземени со меѓународните конвенции и членувањето на државата во меѓународни организации), регулативата на САД во однос на мерки за ограничување на лица поради сериозни кршења на човековите права и теторизмот, уставниот аспект (владеењето на правото, поделбата на власта, заштита на сопственоста и на другите права на граѓаните), кривично правниот аспект (опфатот на кривични дела), кривично процесниот аспект (овластувања за постапување на јавниот обвинител, изрекувањето привремени мерки кон имотот, обезбедување имот заради подоцнежна конфискација), како и аспекти на финансиско разузнавање, неопходно потребен е комплексен закон со кој ќе бидат опфатени сите аспекти и којшто ќе се вклопи во националниот правен систем и ќе биде во согласност со гаранциите што Уставот им ги гарантира на македонските граѓани. Само со ваквиот пристап ќе се овозможи импликациите од мерките да добијат национална основа, бидејќи за разлика од директната примена на конвенциите, странското право не може директно да се применува.

Мерките што имаат карактер на санкции, согласно толкувањето на Европскиот суд за човековите права, мора да се изрекуваат согласно домашното законодавство и да се обезбеди соодветна судска заштита, се вели, меѓу другото, во заклучоците на здружението. Во распаравата учествуваа и академик Владо Камбовски и професор Гордан Калајџиев.