Потпишана декларација за регионална координација на операторите на електропреносните системи од Западен Балкан
Операторите на електропреносните системи од Западен Балкан потпишаа заедничка декларација за регионална координација по повод одбележувањето на 15-годишнината од ENTSO-E. Оваа заедничка декларација, како што велат од АД МЕПСО, овозможува реален и заеднички пат за иднината на Југоисточна Европа во рамките на европскиот енергетски систем.
Декларацијата предвидува зајакнување на енергетската безбедност и интеграција на пазарот на електричната енергија, дефинирање на нови законски рамки за беспрекорна регионална координација, и обезбедување ефективна алокација на капацитетите, управување со застојот и поделба на приходите.
-Декларацијата вклучува нова сеопфатна рамка за соработка на преносните оператори од Западен Балкан во рамките на Југоисточна Европа. Овој документ е најдоброто можно решение, кое ги зема предвид потребите и реалната состојба на сите земји на Југоисточна Европа, во согласност со законодавството на Европската Унија и Енергетската заедница. Овој договор создава можност за забрзано спојување на пазарите во Југоисточна Европа. Ваквото спојување на пазарите е еден од главните предуслови кои земјите од Западен Балкан мора да ги исполнат за да добијат изземање од надоместокот за јаглеродно гранично приспособување на Европската Унија, велат од МЕПСО.
Заедничката декларација, додаваат, овозможува реален и заеднички пат за иднината на Југоисточна Европа во рамките на европскиот енергетски систем.
-Со декларацијата се отвора можноста за техничка и пазарна организација во областите за координирани операции на електроенергетскиот систем, како и тргување и аукција на електрична енергија, поврзувајќи ги ТСО-а од Западен Балкан со веќе организираните пазари на Централна и Југоисточна Европа, прецизираат од МЕПСО.
Декларацијата, која беше поддржана од сите оператори на електропреносните системи на Европската Унија и од операторите од Југоисточна Европа, покрај МЕПСО ја потпишаа и NOSBIH од Босна и Херцеговина, ОST од Албанија, ЕSM од Србија и CGES од Црна Гора, а беше усогласена и со КОSТТ од Косово, кои воедно беа поканети да пристапат заедно со другите оператори од регионот.