Потпишан договор помеѓу АД ЕСМ и „Скопје Север“, продолжува греењето во општините Чаир и Бутел
АД ЕСМ и АД „Скопје Север“ денеска потпишаа договор кој овозмоува да продолжи греењето во општините Чаир и Бутел, соопштија од ЕСМ.
Во соопштението до медиумите се посочува дека АД ЕСМ го платило природниот гас наменет за АД „Скопје Север“ за испорака на греење и потрошувачите во општините Чаир и Бутер од утре наутро повторно ќе имаат парно греење.
-АД „Скопје Север“ го потпиша Договорот за деловно-техничка соработка АД ЕСМ, за што АД ЕСМ на почетокот на грејната сезона доби задолжение со одлука од Влада, а по барањето искажано од АД „Скопје Север“ за финансиска поддршка за набавка на гас, се вели во соопштението до медиумите.
АД ЕСМ со средства добиени наменски од Буџетот на Македонија во текот на попладневните часови изврши плаќање на потребните количини гас кај добавувачот на АД „Скопје Север“, „Макпетрол ПРОМ-ГАС“, по што природниот гас ќе биде најбрзо испорачан до АД „Скопје Север“ за во што пократок рок да почне повторната испорака на топлинска енергија.
Договорот е потпишан и од АД „Скопје Север“ и од сопственикот АД „Топлификација“ во стечај, и дадени се гаранции за средствата кои ќе бидат вложени од страна на АД ЕСМ во текот на оваа грејна сезона. Исто така, АД ЕСМ преку свој прокурист и врзан потпис ќе го контролира работењето и исплатите од акционерското друштво корисник на средствата.
„АД ЕСМ повеќе пати нагласи дека Договорот за деловно-техничка соработка е едниствениот начин да се спречи прекинување на испораката на топлина кај корисниците во двете општини во Скопје“, посочуваат од оваа компанија.