„Поточиња“ викендов седум пати ја наполнија Филхармонија
Новото издание на детскиот фестивал Поточиња кое се одржа викендов во Македонска Филхармонија привлече огромен интерес и дури седум фестивалски претстави беа потребни за да ги собере сите заинтересирани деца да ги чујат новите детски песни изведени на фестивалот. Публиката не само од Скопје, туку и од цела Македонија ја исполни Филхармонија дури седум пати со детски џагор, радост и многу насмевки.
Речиси 6 500 посетители во двата фестивалски дена веќе на првите тактови на популарната химна на фестивалот ги пречекаа учесниците со аплауз и еуфорија. Водителот – маскотата Поки (актерот Мартин Јорданоски) на маестрален начин ги водеше децата низ фестивалска приказна, а овациите и задоволството не престанаа до самиот крај на фестивалскиот репертоар. Новите 15 песни ги опфатија сите сегменти од детскиот свет и со својата мелодичност и стилска разноликост приредија голема забава за сечиј детски вкус. Секоја песна на големиот лед екран во форма на брод имаше анимирано видео со испишан текст што привлече големо внимание кај публиката. На самиот крај со импресивна сценска кореографија беше изведена песната “Македонија да ја чуваме” која со својата моќна порака не потсети колку е убава и сакана нашата татковина.
Поточиња 2024 уште еднаш потврди дека фестивалот со право го носи епитетот најреномиран детски фестивал во државата и дека со секое ново издание се повеќе ја збогатува музичката ризницата на македонски хитови за деца.