Постмониторингот на Советот на Европа заврши, но потребни се уште многу тешки реформи
Во дебатата во Парламентарното собрание на Советот на Европа за усвојувањето на извештајот за Северна Македонија, по повод затворањето на пост-мониторинг дијалогот освен што беше поздравен напредокот на земјата беше нагласено дека работата со реформите не е завршена и вниманието на Советот на Европа не исчезнува, туку само ја менува формата.
Во своето обраќање, македонската пратеничка Бисера Костадиновска-Стојчевска го нагласи токму овој аспект. Таа го претстави извештајот како резултат на долг процес на промени, но истовремено посочи дека тоа е сигнал до домашните политички елити да ја продолжат „домашната задача“. Нагласокот беше ставен на тоа дека новата фаза бара уште посериозно спроведување на реформите, особено ако целта останува европската интеграција.
И другите говорници во Стразбур потсетија дека, иако пост-мониторингот се затвора, ќе продолжи редовен периодичен надзор. Судската независност, борбата против корупцијата, условите во затворите, правата на малцинствата и изборните правила остануваат под лупа. Тоа значи дека Северна Македонија повеќе нема „посебен статус“ во Советот на Европа, но има очекувања да ги достигне и одржи стандардите што важат за сите членки.
Костадиновска-Стојчевска зборуваше за војните и кризите, а го спомена и иселувањето како една од најсериозните последици на долгогодишните политички слабости, но без да навлегува во персонализирани обвинувања.
Таа се осврна и на чувството на негирање на историјата, идентитетот и јазикот, тема која периодично се отвора во регионалните односи. Личниот пример – дека е родена во Југославија, има дете родено во Македонија и дете родено во Северна Македонија – го употреби како илустрација на тоа колку бргу се менувале рамките во кои живее државата и нејзините граѓани.

Во дебатата за оваа точка учествуваа сите членови на делегацијата на Собранието. Иванка Василевска, заменик-шеф на делегацијата, ја истакна посветеноста на државата кон европските вредности, демократските реформи и конструктивната соработка во рамките на Советот на Европа, а затворањето на постмониторинг-дијалогот го оцени како признание за долгорочните напори. Таа се осврна на постигнатиот напредок во демократските процеси преку фер избори, мирна смена на власта, изборот на првата жена претседател и конкретните резултати во борбата против корупцијата, потврдени од ГРЕКО.
Беким Ќоку го поздрави завршувањето на постмониторинг-дијалогот за Северна Македонија како значаен успех не само за државата туку и за целиот Западен Балкан. Тој нагласи дека реформите и доследната посветеност кон стандардите на Советот на Европа носат конкретни резултати и ги зајакнуваат демократијата и стабилноста во регионот.