Поставување фотоволтаици на деградирано земјиште за брзо производство на струја


Фото; Б,Грданоски

Енергетската криза нѐ зачека неподготвени лани, но и за годинава не презедовме ништо посебно да ја дочекаме зимата подготвени, па се враќаме на стари нееколошки извори на енергија, сметаат од Еко-свест.

Единственото нешто што може да се направи оваа зима за да се ублажи состојбата со аерозагадувањето е топланите во Скопје да продолжат да работат на гас, смета Давор Пехчевски, програмски координатор на Еко-Свест и експерт за квалитет на воздух.

Во останатите градови, за ублажување на состојбата со аерозагадувањето е потешко, затоа што луѓето веќе се имаат снабдено со тоа што сакаат да го користат за загревање. Според него, во однос на другите градови, не може да се реагира сега, меѓутоа може да се реагира рано, на пролет и преку цело лето, за наредната година да не се соочат со истата ситуација.

„Значи може да се почне конечно со спроведување зеленото сценарио што предвидува активно да се воведуваат обновливи извори на енергија, не само за производство на електрична енергија, туку и за производство на топлина за домаќинствата“, вели Пехчевски.

Пехчевски, Фото: Б.Б.

Смета дека, начинот што го одбра владата за справување со енергетската криза моментално е враќање кон стари технологии и активирање стари капацитети за производство на електрична енергија и за снабдување со топлина, односно се враќаме 30-40 години назад.

„Гледаме дека ТЕЦ Осломеј работи седум, осум пати повеќе отколку што работеше претходните години, и тоа е со увозен јаглен, кој што е набавен од други земји, делумно е набавен и нетранспарентно. Не знаеме со кој квалитет е и не знаеме какви последици предизвикува тој. Исто така, ТЕЦ Неготино кое што повеќе од 10 години беше таа ладна резерва што ја викаат, сега активно работи веќе цела година. Последно е што најавија дека за Град Скопје топланите потенцијално може да се префрлат да работат на дизел, наместо на гас, заради тоа што имало некои несигурности во снабдувањето со гас“, вели Пехчевски.

Фото: Б. Грданоски

Очекува, оваа година да имаме повеќепати позагаден поздух од претходните години, а пораката дека сѐ е дозволено сѐ додека обезбедуваме топлина и струја е погрешна.

„Тоа значи дека и луѓето ќе пристапат кон поевтини методи на загревање, наместо да користат дрво, ќе користат отпад, и ова доколку е ладна зимава, може да видиме загадување кое што ќе биде повисоко од претходните години кога имавме и многу повеќе протести низ Скопје“, посочува тој.

Последиците по јавното здравје веќе се огромни, тврди Пехчевски, кој додава дека со години наназад Македонија е во топ 13 загадени земји во Европа.

„Според анализите од Европска агенција за животна средина имаме 3-4.000 предвремени смртни случаи само од аерозагадување. И тоа од некои сегменти од аерозагадување, тие дури не ги ни обработуваат сите, така што оваа година, доколку се остварат проекциите дека може да биде ладно јануари, февруари, доколку се префрлат еве топланите на дизел итн., може да очекуваме и уште полоши последици по здравјето на граѓаните“, дециден е Пехчевски.

Иако Македонија има за цел да ги намали емисиите на стакленички гасови за 70 отсто, моментално тие се зголемуваат, вели Пехчевски. Тој објаснува дека сега има повеќе емисии на стакленички гасови во споредба со изминатите 10 години, бидејќи претходно ТЕЦ Осломеј работел со ограничен капацитет, додека ТЕЦ Неготино воопшто не работел со години.

Фото: Б. Грданоски

„Сѐ што е предвидено и во енергетската стратегија, и во стратегиите за справување со климатски промени, односно Национален план за енергија и клима како што се вика, се што е таму наведено, не се спроведува и сега се прават обратни чекори, се инвестираат десетици, дури и стотици милиони евра во увоз на струја, увоз на јаглен, мазут итн., практично навраќање 50 години назад“, дециден е Пехчевски.

Појаснува дека термоелектраните немаат интергирани дозволи, само ТЕЦ Неготина има некаква, ама нема ништо имплементирано од неа, затоа што не работеше. Нема филтри, десулфализатори и друго, а во нив не вреди ни да се инвестира, затоа што електраната треба да се затвори за некоја година.

Единствено решение, кое би дало резултати за година-две гледа во искористување на деградирани објекти и земјиште, како Осломеј, каде се направи почетен чекор со поставување фотоволтаици, кои произведуваат 10 мегавати, а капацитетот треба да му е 110 мегавати. Во соработка со МАНУ, детектирале осум такви деградирани земјишта, во Куманово – рудникот за азот, во Пробиштип, исто кај рудникот, во Жван и тн., со што земјиште кое не може ниакко да се искористи на друг начин, но и таму треба одредена подговотка со нанесување слоеви земја, за деконтаминација.

Фото: Б. Богдановска

Со поставувањето на фотоволтаици не треба да се сопре, туку да се поттикнува, и за домаќинствата, преку субвенции и наменски кредити од ЕБРД, ЕИБ и Светска банка, но вели вишокот струја што ќе ја произведат домаќинствата треба соодветно да се плати, а засега цената е ниска.

Според Еко-свест, гасификацијата не е решение на кое треба да се насочиме, особено не за домаќинствата, затоа што и тој енергенс не е најеколошки, а според нив, единствено можеби е оправдан за големите фабрички капацитети.

Ако се знае дека и фотоволтаиците имаат животен век од 20 до 25 години, а потоа тешко може да се рециклираат, од Еко-свест истакнуваат дека веројатно за тие години научниците ќе најдат начин за нивна рециклажа, но секако ќе ни треба и национална стратегија за управување со отпад, за да се ослободиме од старите фотоволтаици.