Поставен и последниот сегмент од мостот Пељешац (видео)


Последниот, 165. сегмент од мостот Пељешац, тежок 220 тони, вечерва беше подигнат и поставен, а по инсталирање на елементот, кинеските работници го заварија, јавија хрватските медиуми.
Премиерот Андреј Пленковиќ објави на Твитер дека „Хрватската територија вечерва станува единствена. Мостот Пељешац ја поврзува Хрватска. Горди сме и ви благодариме на сите“.

Историскиот спој на последниот дел од мостот Пељешац се случи во средата доцна вечерта. Малку по 23 часот, беше поврзан последниот сегмент од мостот односно заврши поврзувањето на овој капитален објект. Сепак, претстои уште многу работа за да се заврши мостот, како и пристапните патишта. Првите автомобили треба да го преминат мостот кон средината на следната година.

Горан Легац, менаџер на проектот, во пренос во живо за телевизијата Н1 рече дека проектот за мостот Пељешац е исклучително комплексен и дека подготовката била многу важна.

„Знаете дека ова е втор обид, проектот што беше направен порано беше сменет, но тоа ни помогна денес да бидеме во оваа фаза“, рече тој.

Како два критични дела, тој ја спомена инсталацијата на челични купови на дното на заливот, која беше завршена пред нешто повеќе од две години, и моменталното вклопување на конструкцијата бидејќи бетонот има свои специфики, но градителите ги надминаа.

„Ова е премногу сложен и прескап проект за да се остави нешто на случајот“, рече тој, одговарајќи на прашањето за издржливоста на мостот на ветер.

Тој рече дека покрај дизајнот и изградбата на мостот, предизвикувачка била и трасата на тунелот.

„Има вкупно четири тунели и три вијадукти. Сите, освен еден од овие тунели, се пробиени, а тој е на половина. Покрај асфалтот, на мостото треа уште да се заврши и заварувањето на сите сегменти, потоа следува хидроизолацијата, сообраќајни огради, ветробрани, сигнализација и интервенции за заштита од пожари“, рече тој.

Тој додаде дека мостот ќе биде завршен пред јуни следната година.