Постаментот за споменикот на Мајка Тереза не може да се урне оти обвинителството води истрага


Фото: Б. Грданоски

Постаментот за споменикот на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“ треба да се урне, смета градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, но рацете му се врзани затоа што за него се води истрага во Обвинителството.

Обвинителството има отворено истрага околу постапката за изградба и финансирање на објектот, поради што не можат да се проведат планоовите тој да се урне и таму да се отвори уличка, која и претходно постоеше.

„Јас сметам дека треба да се урне бидејќи има отстапки по неколку параметри меѓу кои и тоа што го попречува пристапот до плоштадот. Но, не можеме да го урнеме бидејќи Обвинителството води одредени истраги и за овој предмет. Што ако речат по уривањето не можеме да спроведеме вештачење од какви материјали е направено?“, рече денеска на брифинг Богдановиќ.

Богдановиќ вели дека со измените на Деталниот урбанистички план за Мал ринг, што се работат во рамките на мораториумот, овој објект треба да биде избришан од планот. Тој најави слични постапки и за други објекти од проектот „Скопје 2014“ кои се наоѓаат на териоторијата на Општина Центар. За енкои, вели, што не се доградени, треба да се утврди што е направено, што отстапува од првичниот план, а потоа, по завршување на судските постапки, Општина Центар ќе може да ги доработи, по свој план.

Од Владата сметаат дека постаментот за споменикот не треба да се урива. Во февруари, Владата донесе одлука тој да се догради и пренамени бидејќи уривањето би било прескапо. Ова, во неколку наврати го тврдеше и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, но тој исто така тврди дека таму треба да се пробие уличка, која би го поврзала плоштадот.Работната група за „Скопје 2014“, која ја формираше Владата преку Министерството за култура, исто така предложи споменикот да се урне бидејќи прекршува повеќе закони.

Идејата за споменик на Мајка Тереза  дојде од Индиецот Субрата Рој, кој преку компанијата „Сахара Глобал“ сакаше да подигне 32-метарско спомен-обележје од родената скопјанка. По тој повод во 2013 година му беше подарена градежна парцела од 621 квадратен метар, на истата локација беше откриена и спомен-плоча, но откако почнаа контроверзиите со Индиецот, како инвеститор влезе Министерството за култура, а автори на делото беа Валентина Стевановска и Кирил Мукаетов.

Објектот на плоштадот „Македонија“, согласно проектот, требаше да содржи објект со тераса, фонтана, споменици на Мајка Тереза, потоа милосрдни сестри, ангели, декоративни венци во форма на пехар, карпеста фонтана со скулптури, а на висина од околу 16 метри да биде поставен триметарски централен ангел со крилја, придружен со уште четири плус четири ангели, со различна висина. (Б.Б.)