Последните измени на Кривичниот законик на штета на борбата против корупција


Измените во Кривичниот законик од 2023 година штетно влијаеа врз правосудниот систем и врз исходот на кривичните постапки поврзани со случаи на висока корупција бидејќи поголем дел беа запрени поради застарување. Потребни се правни механизми за да се ублажат штетните последици од донесените законски измени со коишто се донесени ослободителни пресуди.Ова се дел од поентите од денешната расправа во организација на Европско движење.

Кристијан ДУКУ, генерален менаџер од Центарот за напредно истражување во менаџментот и примената етика од Букурешт го пренесе примерот со Романија, потенцирајќи дека романскиот Кривичен законик претрпел стотици измени по 2017 година, кои предизвикале штета во правосудниот систем. Според него, треба да се зборува за концептот за злоупотреба на овластување.

„ЕУ зборува за злоупотреба на власта, а помалку за злоупотреба на функцијата. Дали таа треба да се ограничи на државните службеници или да ги вклучиме и политичарите и директорите на јавните училишта бидејќи и тие имаат овластувања. Има различно толкување во овластувањата“, рече Дуку порачувајќи: „И ние и вие треба да се бориме секој ден за да ги добиваме правичните закони бидејки граѓаните тоа го бараат од нас, зошто ние сме чуварите на јавниот интерес“.

Оља Ристова, судија во Основниот кривичен суд во Скопје реагираше зошто морало да дојде до интервенција во законот со којшто се намалени судските казни, како и зошто за измените не била консултирана Работната група која работела на законските измени. Таа предложи во македонското законодавство да се воведе одредбата за застареност по примерот на Хрватска.

Лидија Раичевиќ, јавна обвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје рече дека е против намалување на казните. Таа нагласи дека обвинителите и судиите имаат сила да застанат зад правдината. Раичевиќ порача да се промени актуелниот закон и да се заострат казните за ефикасна борба против корупцијата.