Поскапувањето на парното ќе доведе до нова еколошка катастрофа, предупредува Шукова
Потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, предупреди дека поскапувањето на парното ќе доведе до нова еколошка катастрофа, бидејќи граѓаните ќе бидат принудени да користат алтернативни и многу поштетни извори на греење, што ќе го зголеми загадувањето. Според неа, ова е директен удар врз семејните буџети, во време кога трошоците за живот експлодираат, а платите остануваат исти.
-Во време кога животот е сѐ поскап, кога граѓаните секојдневно се борат за да го задржат својот животен стандард, Владата зададе нов силен удар врз нив – драстично поскапување на парното греење од над 5%! Ова е директен удар врз семејните буџети, во време кога трошоците за живот експлодираат, а платите остануваат исти, изјави Шукова.
На денешната прес-конференција, таа посочи дека поскапувањето можело да биде спречено со набавка на поевтин енергенс.
-Владата ветуваше евтин природен гас, но повторно излажа. Наместо да набави гас во јануари, кога цената на гасот во Европа беше околу 40 евра за мегават-час, Владата на Мицкоски набави гас за неверојатни 65 евра за мегават-час. Ако Владата навреме се погрижеше за поевтин енергенс, ова покачување немаше да се случи. Но, неспособноста и корупцијата повторно ги плаќаат граѓаните, додаде Шукова.
Таа предупреди дека квалитетот на парното е катастрофален и дека ова поскапување ќе доведе до нова еколошка катастрофа.
-Дополнително, ова поскапување ќе доведе до нова еколошка катастрофа. Граѓаните ќе бидат принудени да користат алтернативни и многу поштетни извори на греење, што значи дека загадувањето ќе расте! Наместо Владата да ја направи топлинската енергија подостапна и да ги охрабри граѓаните да останат на парно, таа со оваа мерка ги тера да бараат поевтини, но многу поштетни решенија. Во услови кога Скопје е прв на листата на најзагадени градови во светот, овие политики на Владата директно го загрозуваат животот на скопјани. Значи, ни стандардот, ни здравјето на граѓаните не ѝ се приоритет, рече таа.