Поскапе трудот на аргатите за садење тутун, газдите и работниците станаа „ортаци“

Ако лани еден час работа на нивите со тутун чинеше од 230 до 250 денари, годинава цената порасна на 300 денари од час а некаде и до 350 денари


(Фото: Марјанчо Цветкоски)

 

БИТОЛА – Почна расадувањето на тутунот во повеќе региони во државата, а земјоделците мака мачат да најдат наемни работници за садење на расадот.

Сѐ поскапе во државата, па и трудот на аргатите кои најчесто се пензионери или корисници на социјална помош, но иако поретко, има и работници кои земаат боледување или одмор од фабриките за да заработат денар плус.

Во меѓувреме во државата се крои нов закон со намера да се сузбива сивата економија.

Работодавачите ќе исплаќаат данок на личен доход и придонес за пензиско и инвалидско осигурување на сите работници кои привремено или сезонски ќе ги ангажираат. Работниците ќе може да се ангажираат само во три сектори, земјоделство, домашни услуги и угостителство.

Од година во година расте цената за ангажирање на аргати по нивите. Особено е тешка состојбата кај тутунопроизводството оти стануваат ноќе од 2 до 3 часот, се работи до утрото, периодот од денот кој не може секој да го поднесе со физичка работа.

Ако лани еден час работа на нивите со тутун чинеше од 230 до 250 денари, годинава цената порасна на 300 денари од час а некаде и до 350 денари. Тоа значи дека ако ангажманот на аргатите на дневна основа е 5 часа, сега земјоделските производители треба да платат 1.500 денари најмалку за работник на ден. Поголемите земјоделци кои садат тутун на поголеми површини, дневно ангажираат по 4 до 5 работници. Оттука велат дека добивката од садењето на тутун ја делат на половна со аргатите, ортачки. Во последната реколта килограм тутун се откупуваше за околу 400 денари и плус 100 денари субвенции.

Работодавачите ќе исплаќаат данок на личен доход и придонес за пензиско и инвалидско осигурување на сите работници кои привремено или сезонски ќе ги ангажираат (Фото: Марјанчо Цветкоски)

„Тешка е состојбата, работници нема, и тие што ги имаме се пензионери, или примаат социјална помош. Годинава цената е 300 денари по час. Но, реалноста е дека се потешко се наоѓаат работници за на нива, а и тие што се, се над 60 години, младите не доаѓаат да работат. Кога ќе се откупи тутунот и кога ќе ги земеме субвенциите, излегува дека работиме ортачки со намените работници, се делиме на пола“, вели Марјанчо Цветкоски, земјоделец од село Марул, прилепско, кој и годинава засади тутун на површина од 40 декари.

Во Битолско, аргатите за тутунот се плаќаат и по 350 денари од час, оти ги нема, велат земјоделци од Будаково, па тутунопроизводителите прават напори да ги вклучат и највозрасните и најмладите членови на семејството, за да ја завршат работата на нивите.

Тутунопроизводителите се жалат дека се наоѓаат во незавидна положба, повозрасните и искусни работници веќе се неспособни за работа. Младите не сакаат да работат на нивите со тутун. Ако дојде момент да се пријавува ангажманот на сезонските работници и да плаќаат даноци велат дека ќе останат без нив и ќе нема кој да работи на нивите.

„Со некои аргати се договараме да работат на норма (на низа тутун), со други за дневница. Ако нема некои отстапки и стапи во сила одредбата да се пријавуваат сезонските работници ќе биде проблематично за сите. Пола од работниците се пензионери и ќе мора да пријавуваат дополнителен приход, пола од нив се корисници на социјална помош и ќе ја изгубат. Ако пак, регистрираниот тутунопроизводител кој ги најмува ги плати давачките за данок кон државата, тогаш не ќе може да им ја исплати цена која е договорена. Таа ќе мора да се намали онолку колку што се давачките кон државата. Проблематична е состојбата бидејќи цената на тутунот е ниска за да може да се покрие целиот трошок“, вели тутунопроизводителот Панде од Битолско.

Кај тутунопроизводството се станува ноќе од 2 до 3 часот, се работи до утрото, период од денот кој не може секој да го поднесе со физичка работа (Фото: Марјанчо Цветкоски)

Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ до Собранието поднесоа Предлог на закон за работно ангажирање лица за повремена и сезонска работа.

Предлогот е ставен во прво читање на собраниската седница на 19 март.

Целта на Предлогот е да стави ред во нерегулираниот пазар на сезонска работа и да ги заштити работниците, со тоа што ќе можат да се ангажираат како сезонски работници: студенти, пензионери, невработени, корисници на социјална помош, а притоа нема да ги изгубат правата на стипендија, старосна или семејна пензија, како и надоместоците за невработеност и социјална заштита. Со овој закон, првпат се дозволува и вработување на малолетници под 18 години.