Поскапе таксито во Битола


 

БИТОЛА – Со одлука на Советот на општина Битола поскапе такси превозот во Битола. Одлуката е изгласана сношти пред полноќ во рамките на вчерашната маратонска седница на Советот.

Со новите цени во сите три тарифи старт е 60 денари. Во првата тарифа 35 денари од километар, во втората тарифа 40, а тарифата за трета смена, празник и недела 45 денари за километар.

Ценат за чекање за еден час е 400 денари.

Во Битола сега има околу 60 лиценцирани такси превозници, а порано беа 400. Битолчани веќе подолг период,  долго и неизвесно чекаат да добијат такси услуга од такси компании, особено во врнежливи денови или наутро кога граѓаните одат на работа или на школо. Затоа пак по улиците често се движат „таксисти“ кои возат на црно, и го уриваат пазарот, се жалат такси превозниците. 

„Давачките и трошоците енормно се зголемија, а возиме по стари цени. Последното зголемување беше минимално и тоа го загубивме за два месеци кога се зголеми минималната плата со тоа и придонесите. Тоа се стопи. Што е најлошо, ние не возиме сега патници, туку сме доставувачи на стока. Граѓаните нарачуваат пица со попуст од 30 денари, а ние ја доставуваме за само 60 денари до дома, на работа ги носиме за 60 денари, значи стагнација“, реагираат такси превозниците во образложението за поскапување на такси превозот.  

Последното поскапување на такси превозот во Битола беше во јануари 2022 година, веднаш по корона кризата кога поскапеа горивата. Од тогаш стартот со пресметан еден километар во цената чинеше 60 денари, за секој следен километар се плаќаше 25 денари. Чекање од еден час чинеше 300 денари.

Советникот Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ  рече дека поскапувањето е неизбежно со порастот на трошоците за живот.

„За жал, несреќно решение каде што Советот треба да ја регулира цената на такси превозот. Предлогот што го имаме ние како советничка група е 50 денари да биде стартот, односно само да се намали стартот. Сепак, треба конечно да се реши овој проблем“  рече Бојкоски.

Советниците побараа таксистите да ги подобрат условите и услугите во такси превозот

„Доколку се зголемат цените на такси услугите да се потрудат возилата да се чисти, да ги обновуваат возилата, но како што кажаа со овие цени тешко за обнова на возилата, ќе стигнеме до тоа да нема такси превозници“, рече Алмир Адемоски, независен советник. (А.Б.)