Поскапата струја за Битола фрла искри меѓу Коњановски и Петровска

Сегашниот градоначалник ја обинува поранешната градоначалничка за поскапата струја, таа му возвраќа дека не потпишале навреме нов договор за снабдување


Поранешната општинска власт ги замени светилките со ЛЕД осветлување за да се намалат трошоците на градот

 

БИТОЛА – Поскапата струја ги „јади“ парите за капитални проекти во Битола, објаснува новата локална самоуправа, додека екс-градоначалничката Наташа Петровска возвраќа дека ЛЕД осветлувањето на улиците што таа го спроведе во својот мандат им е олеснителна околност и претставува значителна заштеда на средства.

„Уште на првата седница на Совет која итно ја свикавме побаравме ребаланс на буџетот со цел Битола да не ја оставиме во мрак. Затекнавме раскинат договор со операторот на електрична енергија, и несклучен нов договор со универзалниот дистрибутер на електрична енергија, затекнавме енормно високи цени“, вака градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ја објаснува актуелната ситуација во Општина Битола со порастот на трошоците за електрична енергија.

Според новата локална власт, наместо шест милиони денари, кои пред една година биле платени за периодот од октомври до јануари, денес општината за истиот период плаќа 40 милиони денари. Коњановски вели дека драстично повисоките сметки за струја ги трошат парите за реконструкции на улиците. 

„Трошоците за електрична енергија во Општина Битола се зголемија за 6 до 7 пати поради оваа затекната ситуација од претходната локална власт. Ако Битола месечно плаќала околу 1,7 милиони денари за струја, сега трошоците се 7,5 до 8 милиони денари. Тие трошоци ќе мора да се платат, ќе се направи проблем. Јавна набавка беше распишана и првиот пат никој не се јави, во тек е евалуација на нова набавка. Сметките за електрична енергија остануваа висок фактор во работењето на сите општини. Јасни се пропустите во енергетскиот сектор“, рече Коњановски.

Поранешната градоначалничка Наташа Петровска во изјава за „Независен“ возвраќа дека цената на електричната енергија што моментално ја плаќа општината, нема врска со потпишување или непотпишување на некаков договор од нејзина страна.

„Не знам на што мислат и зошто сеат магла“, вели таа.

Петровска објаснува дека на 1 март 2021 година потпишала  договор за снабдување на електрична енергија за време од една година со друштво кое понудило најниска цена, но заради настанатата енергетска ситуација во светски размери снабдувачот на 31.08.2021 година побарал од општина Битола склучување на нов договор со двојно повисоки цени. Петровска го известила снабдувачот дека тоа е спротивно на законот за јавни набавки бидејќи во договорот со снабдувачот во член 2 стои дека „цените се фиксни и непроменливи за целото времетраење на договорот“. За Битола да не остане во мрак снабдувањето продолжило од универзалниот снабдувач.

„Цената на електричната енергија од универзалниот снабдувач, во овој случај ЕВН, ja одредува Регулаторната комисија за енергетика. И нека престанат да ја манипулираат битолската и македонската јавност. Општината ја наплати банкарската гаранција за неисполнување на договорот, а понатамошната постапка треба да си ја води сегашнава гарнитура“, вели Петровска.

Таа уште додава: „Коњановски добро знае дека Општината во тој период не смееше да распише нова јавна набавка бидејќи требаше да се менува годишниот план за јавни набавки, а заради изборите не смееше. Коњановски го смени годишниот план по стапувањето на функцијата, односно на 25.11.2021 година за да може да објави јавна набавка на електрична енергија. Не знам зошто чекаа 15 дена, бидејќи колку порано се сменеше толку побрзо можеше да се објави јавна набавка“, наведува Петровска.

Таа вели дека со речиси целосната замена на осветлувањето со ЛЕД светилки во градот направена е голема заштеда на електрична енергија така што трошоците на општината се многу помали.  И она што е клучно според неа, вкупната сума која граѓаните на Битола ја плаќаат како комунална такса за улично осветлување и се слева во буџетот на општината е повеќе отколку сметките за електрична енергија.

Од општина Битола велат дека за надминување на ситуацијата побарале помош од Владата, но засега немаат повратна информација.

И Управниот одбор на ЗЕЛС побара Владата да ги преземе трошоците на општините за потрошувачката на електрична енергија до ниво на трошоци што ги имале општините во периодот пред кризата. Училиштата да не ја плаќаат електричната струја по индустриска тарифа, туку по тарифа како домаќинствата, бидејќи тие не се профитни организации. Општините да добијат поддршка и во реализација на капитални инвестиции за поставување на фотоволтаици на училиштата и на друга површина во општината.

„Во очекување на владиното решение, општина Битола, работи на санирање на затекнатите проблеми како во делот на спортот, така и во реализацијата на инфраструктурните проекти, но и на подготовката на проектна документација за нови проекти во интерес на целата општина“, велат од Општина Битола.