Посилни сме од кога било во борбата против корупцијата: ДКСК си го фали работењето


 

Следејќи ги последните случувања, Државната комисија за спречување на корупцијата денеска преку соопштение ја уверува  јавноста, партнерите и меѓународната заедница дека институцијата останува целосно доследна на почитувањето на принципите на интегритет, транспарентност и владеење на правото.

„Државната комисија како институција продолжува да работи независно и ефикасно, во согласност со своите законски надлежности и својот мандат. Државната комисија продолжува да ги спроведува своите тековни активности и обврски, а нејзината мисија за превенција и борба против корупцијата на сите нивоа останува непроменета и посилна од кога било“, се вели во соопштението од ДКСК.

Од Државната комисија велат дека постапките за утврдување индивидуална одговорност не ја поткопуваат институционалната и колективната посветеност.

„Свесни сме за важноста и значењето на довербата од јавноста. Затоа ќе продолжиме да работиме со највисока транспарентност и да соработуваме со надлежните институции, обезбедувајќи почитување на законите и највисоките етички стандарди во рамките на ДКСК“, се истакнува во соопштението од ДКСК.

Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска, денеска, пред одржувањето на сесијата на Националната конвенција за ЕУ во РСМ посветена на борба со корупцијата, порача дека претседателката на ДКСК, осомничена во истрагата за „Адитив“, најитно да си поднесе оставка, затоа што на овој начин сè уште ја инфицира институцијата. „Треба да се тргне за институцијата да може слободно да се чисти“, истакна таа.