Пошта трет ден не издава пратки, соопштение нема, а директорот е во Швајцарија
Граѓаните кои треба да подигнат пратка од „Пошта 2“, се враќаат со празни раце. Не може да се подигнат ниту препорачани писма, ниту судска пошта, ниту некои други пратки, освен пратките од Тему, пишува „Слободен печат“.
Официјално известување од Пошта за проблемот нема. Но, затоа има соопштение дека токму овие денови, поточно од 19 до 21 октомври делегацијата на Пошта составена од генералниот директор Орхан Куртиши и раководителот на Секторот за економски и финансиски работи Исмаил Мислими, учествува на сесијата на Советот за поштенски операции на Светскиот поштенски сојуз во Швајцарија, за да разговараат за унапредување на поштенскиот сектор.
Незадоволни граѓани од односот на Пошта својот гнев веќе го излеваат и на социјалните мрежи, а меѓу нив е и нашиот актер Сименон Мони Дамевски.
„Како можеш да препознаеш дека нешто навистина не е како што треба во една држава? Преку раскапаните автопатишта, несобраното ѓубре во контејнерите, начинот на кој работат националните институции. Пакетите кои до пред неполна година стигнуваа од странство за 2 недели до месец дена, сега ги чекаме по 2 – 4 месеци, а и кога ќе пристигнат националната пошта не ги испорачува. Мораш сам да појдеш да си ги земеш, а наплаќаат за услугата. Е, неделава е врв на пропаста на националниот поштенски систем. Втор ден по ред главната пошта не работи. Велат поради дефект поврзан со струјниот систем. И никој не знае кога ќе проработи, а никој не се јавува ни на телефоните на националната пошта за да можете да проверите дали конечно проработиле. Лично верувам дека таму станува збор за многу посериозен проблем, зашто пред повеќе од месец дена видов дека е затворена и локалната пошта од која претходно ги подигнував пакетите, но тоа не е предмет на оваа моја објава“, напиша вчера Дамевски.
Ова не е првпат да не се испорачуваат поштенските услуги. И летово беше исто така, а соопштението од Пошта стигна по лавина реакции и вратени клиенти од шалтерите.
„Пошта“ доби 100 возила, може сега пратките и ќе ги доставуваат навремено