Пораз од Бугарија и трето место на турнирот „Чајка“ за македонските одбојкари


 Одбојкарската репрезентација на Македонија вечерва претрпе пораз од 3:0 во сетови (25:20; 28:26 и 25:23) од Бугарија на последниот ден од 49.то издание на турнирот „Бранко Хаџииљоски – Чајка“. Со овој пораз Македонија турнирот го заврши на третото место, а Бугарија е прва пред Швајцарија.

Македонските одбојкари равноправни беа само во вториот сет, кој го загубија „на разлика“ со 28:26 и притоа имаа две сет топки, кои не ги искористија. Во другите сетови денешниот противник имаше предност и успеваше да го освои сетот.

За најкорисен играч на турнирот беше прогласен Христијан Димитров од Бугарија. 

За Македонија ова беше последен контролен натпревар пред дуелите од квалификациите за Европско првенство со Грција во Атина на 13.август и со Грузија во Скопје на 17.август.