Поранешниот премиер на Малезија оди во затвор на 12 години поради проневера на милијарди долари

Поранешниот малезиски премиер Наџиб Разак (69) отиде во затвор за да започне со отслужување на 12-годишната казна, откако Врховниот суд ја одби неговата жалба.
Обвиненијата против Разак се однесуваат на корупциски скандал со државниот фонд 1Malaysia Development Berhad (1MDB) и проневера на милијарди долари.
Разак беше осуден во јули 2020 година и беше ослободен со кауција во очекување на жалбената постапка. Судот го одби неговото барање за одложување на казната, пишува Би-Би-Си. Тој продолжи да негира дека сторил нешто лошо.
Виновен за корупција
Пред две години, судот го прогласи Разак за виновен по седум точки од обвинението. Тој е обвинет затоа што биле префрлени 9,4 милиони долари од SRC International, поранешна подружница на 1MDB, на неговите приватни сметки.
Тој е осуден на 12 години затвор и парична казна од 46,8 милиони долари. Одбраната на Разак рече дека тој бил наведен да верува дека средствата на неговите сметки биле донација од саудиското кралско семејство, наместо проневерени од државен фонд.
Тие исто така тврдеа дека финансиските советници го измамиле, особено бегалецот финансиер Џо Лоу. Тој е обвинет и во САД и во Малезија, но тој исто така ја негира вината.
Неговата сопруга Росма Мансор се соочува со одделни обвиненија за перење пари и затајување данок во врска со проектот за соларни хибриди. Таа се изјасни за невина. Врховниот суд треба да ја изрече својата пресуда на 1 септември.