Поранешни функционери на СДСМ се враќаат во игра


Игор Ивановски, поранешен пратеник и советник во претседателскиот кабинет на Бранко Црвенковски, кој своевремено беше и генерален секретар и потпретседател на СДСМ, денеска се очекува да биде избран за непрофесионално ангажиран член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.

Точката за избор на Ивановски е на дневен ред на денешната собраниска седница. Мандатот на членовите на Советот на експерти на ова регулаторно тело е пет години со право на реизбор. Повеќе станува збор за стручна отколку  за политичка функција, со оглед на тоа што членовите на Советот на експерти се избираат преку јавен оглас, за што треба да се исполнат посебни критериуми за компетентност. Огласот го распишува владата, која и ги предлага кандидатите што ги избира Собранието.

Ивановски беше пратеник во четири претходни состави на парламентот, почнувајќи од 2002 до 2014 година. Тој се повлече од политиката кон средината на 2013 година, кога беше еден од четирите кандидати за лидер на СДСМ, но пред самиот конгрес ја повлече кандидатурата. На тој конгрес дојде до смена на кормилото на СДСМ, односно Зоран Заев го наследи Црвенковски. По завршувањето на мандатот како пратеник во 2014 година, Ивановски се врати на Економскиот факултет на УКИМ, каде што е доцент.