Поранешната руска новинарка Татјана Валоваја нов шеф на европската централа на ОН


Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ја именува поранешната руска новинарка Татјана Валоваја за нов генерален директор на Канцеларијата на Светската организација во Женева.

Со ова, Валоваја станува првата жена што ќе раководи со европската централа на ОН. Таа на функцијата ќе го наследи данскиот дипломат Михаел Мелер, кој ја извршуваше должноста од 2013 година.

Во образложението на одлуката за именување на Валоваја се наведува дека таа има „над 35-годишно искуство во новинарството, дипломатијата и државната служба“.

Во моментов Валоваја е одговорна за интеграција и макроекономија во Евроазиската економска комисија, регионално тело во кое членуваат Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан и Русија.

Валоваја својата кариера ја започнува во 80-те години на минатиот век како новинар во московскиот „Економски весник“, по што во 1989 година преминува во дипломатијата, прво како трет, а потоа и како втор секретар на Постојаната мисија на Русија при ЕУ во Брисел.

Во 1999 година е именувана за директор на Одделот за меѓународна соработка на руската Влада, функција на која останува до 2012 година.