Поранешната директорка на средношколскиот дом во Битола не дојде на судењето. Била болна
Адвокатот ја оправда обвинетата Елена Спасеновска за недоаѓањето на главната расправа со три извештаи од битолакста болница. Симоновска е осомничена за злоупотреби во службата
БИТОЛА – „Не е присутна обвинетата Елена Спасеновска, иако е уредно поканата“. Ова го соопшти кривичниот судија Елена Журовска од Основниот суд во Битола, денеска на закажаната главна расправа за случајот со екс-директорката на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ во Битола, на која ѝ се суди за злоупотреба на службата и други кривични дела, процес поттикнат од истражувачката сторија на новинарката од Битола, Анета Блажевска.
Обвинението за злоупотребите на екс-директорката го застапува обвинителката Ирена Атанасовска од Битола. Во судницата беа и двајца сведоци на обвинителството.
Отсуството на Елена Спасеновска од денешното судење адвокатот на обвинетата го оправда со три извештаи од Ургентна медицина и Интерно од пред две недели кога обвинетата побарала лекарска помош во Битолската болница. Оттука судијката Журовска заклучи дека нема законски услови за почеток на судењето, па главната расправа ја одложи за 20 април годинава.
Судијката Елена Журовска го запраша адвокатот на обвинетата, Олег Георгиев, околу боледувањето тој наведе дека обвинетата –„има отворено боледување од 11 март и тоа сѐ уште не е затворено“.
Судот заклучи дека обвинетата се наоѓа на отворено боледување и побара од адвокатот известување во оригинален документ кога ќе биде затворено боледувањето да се достави до Судот.
Од страна на полномошникот на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ во Битола, кој е оштетно правно лице, адвокатот Здравко Камбовски од Битола, до судот на 11 март 2026 е доставен писмен поднесок со кој како институција бараат од судот да им се овозможи активно учество во постапката во конкретниот кривичен предмет.
Обвинителката Ирена Атанасовска побара судот во делот на оштетното побарување да покани и да испита претставник на оштетеното правно лице Средношколски дом „Мирка Гинова“ Битола.
Текот на овој судски процес ќе биде пренесен до јавноста. Судијката Журовска на судењето каже дека претседателот на Врховниот суд донесе решение со кое се одобрува снимање и фотографирање на судскиот процес по овој предмет од новинарката Анета Блажевска.
Во овој случај, по една година и осум месеци истрага, Основното јавно обвинителство од Битола покрена обвинение за Елена Спасеновска како поранешна директорка на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ во Битола.
Новинарските истражувачки текстови за наводните злоупотреби на Елена Спасеновска започнаа во февруари 2024 година, па ОЈО Битола отвори предмет и по една година и осум месеци истрага до Основниот суд Битола поднесе Обвинителен предлог проти Елена Спасеновска, службено лице – поранешна директорка на Државниот ученички дом „Мирка Гинова“, која е обвинета за продолжени кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување и Фалсификување исправа, како и две кривични дела предвидени во Законот за трансформација во редовен работен однос.
Според обвинението со продолжените злоупотреби на службената положба во текот на 2022 и 2023 година, обвинетата, на еден работник му овозможила неоснована исплата на надоместок за неискористен дел од годишен одмор, а по неговото пензионирање му исплаќала дневници и трошоци за наводни службени патувања и му овозможила да продолжи да го користи службениот телефонски број, со што на ученичкиот дом му предизвикала вкупна штета од околу 140 илјади денари
Дополнително, со пречекорување на своите службени овластувања, таа и самата си исплатила неоправдани трошоци од 8.176 денари кои ги направила при службени патувања во Србија и Унгарија.
Понатаму Спасеновска, спротивно на Законот за јавни набавки, не спровела постапка за јавна набавка и директно склучила договор за сметководствени услуги со правно лице, прибавувајќи му незаконски вкупна корист од 180 илјади денари.
Кривичните дела – Фалсификување исправа обвинетата ги вршела за да го оправда своето отсуство од установата, составувајќи лажни патни налози согласно кои со службеното возило патувала во околината на Битола, Крушево, Прилеп или Скопје, иако во тоа време е утврдено дека таа со службениот автомобил ја напуштала државата преку граничните премини Меџитлија, Ќафасан и Ново Село на еднодневни или повеќедневни патувања, стои во обвинителниот предлог на ОЈО Битола.
Елена Спасеновска беше директор на Средношколкиот дом во Битола околу 6 години како кадар на СДСМ. Партијата по низата скандали на обвинетата внатре со вработените се откажа од Спасеновска и во мај 2024 ја исклучи од Извршниот одбор. (А.Б.)